Не е време за опуштање

пишува: КРИСТИНА КОСТОВА

Укинувањето на полицискиот час не треба да промени многу. Редовно и темелно одржување хигиена, носење маски, одржување физичко растојание и избегнување близок респираторен контакт треба да останат во навиките на колективот.

Чекањето во ред пред продавница, аптека, банка, супермаркет за да се запази бројот на по два-тројца купувачи истовремено исто така треба да продолжи да ни биде навика. Плаќањето со картичка, а не во кеш, треба да ни остане навика засекогаш. Сѐ уште не е време за големи собири, без разлика дали станува збор за слави, пријателски седенки или прослави.

Сѐ уште не е време за патувања, освен ако не се неодложни. Вирусот не е поразен. Сите сме одговорни за спречувањето на неговото ширење. Ќе мораме самостојно да избереме да ги жртвуваме старите навики, големите дружби, прегратки, сето она што многумина го припишуваат на „топлиот балкански менталитет.“

Полициски час и ограничено движење немаше само во нашата земја, туку и во соседството, а и во Италија и Шпанија, каде во одредени делови сѐ уште се на сила строги мерки кои го ограничуваат движењето. За разлика од земјите во јужниот дел на Европа, посеверно полициски час воопшто не беше воведен, но беа затворени многу различни видови економски оператори, а основните препораки за одржување хигиена и физичко растојание се применуваат без некои особени проблеми.

Некој ќе рече „па, тоа е дел од нивниот менталитет, тие секако немаат навика на големи, чопоративни дружби, секако улиците им се празни по девет навечер...“ И тоа можеби е точно, можеби одредени мерки се покажаа како полесно применливи во контекст на нивните одамна усвоени начини на функционирање. Но, токму тоа дава само дополнителна потврда на тврдењето дека не е време за опуштање.

Полицискиот час од утре се укинува. Граѓанките и граѓаните повторно ќе имаат право на слободно движење во секој дел од денот. Важно е тоа време правилно да го користиме. Повеќе и подолги прошетки во природа, на отворено, а избегнување на големи групирања, толпи и турканици.
Тоа е враќањето во нормала кое нѐ очекува, односно таа „нова нормала“ на којашто уште треба да се привикнуваме.

FRONTLINE

 


Сите права се задржани.  Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.