Говорот на омраза не е ништо друго освен креирање и одржување на атмосфера на страв. Страв кон различни групи, кои во одредени контексти ним (на политичките партии) им требаат за целото незадоволство од себе да го пренасочат кон други, рече Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центар за поддршка, на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Говорот на омраза: состојби и решенија“.
Говорот на омраза кој го поттикнуваат одредени политички партии кај нас, но и во регионот, ја прави публиката дефанзивна, а потоа агресивна, и тука почнуваат последиците од тој говор на омраза.
- Тогаш, почнува одмазда за нешто што не се ни случило. Говорот на омраза го гледам чисто како алатка за одредени структури, за жал, и кај нас и пошироко тоа се десничарски структури, кои ја користат таа алатка за да дојдат и да останат на власт, вели Андоновски.
Социјалните мрежи, вели Андоновски, ја извадија на површина целата наша површност, и затоа се најлесни за манипулација.