Со проектот на ЦИВИЛ – Центар за слобода за граѓанско новинарство, секој може да се почувствува слободно и сигурно дека може да известува и придонесува за подобрување на општеството, истакна Небие Заимовска, на доделувањето на четвртата награда за граѓански новинари.
„Многу добро го знам новинарскиот живот, бидејќи 10 години бев дел од новинарската фела. Сакам да упатам апел до сите млади да веруваат во себе, да бараат место и начин да ги изразуваат нивните ставови и никогаш да не замолчат пред неправдата. Иако предизвикот и борбата е голема, сепак постојат места како што е ЦИВИЛ каде што може слободно и независно да се изразуваат“, посочи Заимовска.
Таа ги повика сите да бидат поактивни граѓански новинар(к)и.
„Вака почнав и јас да се бавам со невладини организации, за потоа да станам професионална новинарка, но за жал јас морав да ја напуштам таа професија поради притисоци. Целата моја приказна ветив дека ќе ја раскажам на ЦИВИЛ, бидејќи сакам да остане како пример за помладите генерации. Ние бевме приморани да известуваме за работи што не ги гледавме и не ги забележувавме на терен“, додаде Заимовска.
Награда отиде во рацете на група граѓански новинарки и новинари од шест општини (Велес, Прилеп, Штип, Кичево, Скопје и Пехчево) кои за време на дводневниот семинар за граѓански новинари во Велес, направија анкета на улиците на Велес и ги прашаа граѓанките и граѓаните дали се задоволни од локалната власт. Марија Пупулиева, Ангела Николоска, Симона М. Живкова, Сема Ѓулагоска, Небие Заимовска и Емрах Грутков се граѓанските новинари кои ја добија четвртата награда, за анкетата „Не се мисли на народот, се мисли на профитот!“.
Текст и камера: Дехран Муратов
Фотографија: Биљана Јордановска
Монтажа: Ариан Мехмети
This post is also available in: English