Годината што измина, ќе ја паметиме по пандемијата што сериозно го предизвика досегашниот начин на функционирање на човештвото. Но, ќе ја паметиме секако и по екслозијата на лажни вести и дезинформации, кои се главни алатки за дестабилизација на демократските општества преку ширење на омраза, поттикнување на насилство, недоверба кон институциите, граѓанскиот сектор, медиумите, како и влевање на страв, несигурност и поттикнување гнев и нерационално однесување кај граѓаните во многу земји во светот.
На светско ниво, како и кај нас, сеприсутни беа содржини и оркестрирани лажни вести поврзани со вирусот Ковид-19, вакцинирањето, 5Г технологијата итн. Неприкосновен шампион на лажните вести на светската сцена беше претседателот во заминување на САД, Доналд Трамп, на кој американските медиуми му избројаа дека излажал повеќе од 3.000 пати во 466 денови.
Но, експлозијата на лажни вести и дезинформации од високи рангови на екстремната и популистичка десница особено беше видлива и во Северна Македонија. Земјата години наназад е цел на внатрешни и надворешни центри на пропаганда кои сакаат, преку овој метод на ширење на невистини, да реализираат свои, пред сè, политички и економски интереси.
Апсолутен македонски „шампион“ во оваа категорија во 2020 година беше ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија, која со години се служеше со ваква жестока пропаганда додека беше на власт, воопшто не ја промени нејзината тактика и продолжи да се однесува во истиот манир, за што „заработи“ почесно место и беше посочена како ширач на лажни вести дури и во студија на оваа тема изработен за потребите на Европскиот парламент.
Голема е конкуренцијата во ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој е заслужен за ова големо „постигнување“. Топ листата на ширачи на невистини во редовите на оваа партија не е кратка.
Да почнеме од нејзиниот лидер, Мицкоски, кој ја започна 2020 со големи ветувања за победа на парламентарните избори, па за формирање на влада, за на крај да заврши со прст во уста и со помал рејтинг дури и од засилениот маргинален радикал Апасиев, инаку, уште една растечка ведета на македонското мвро-вмро фејк њуз небо.
Мицкоски беше фатен во голем број лаги. Најмногу ќе останат запаметени неговиот циркус и лагите за неговото одење по теретани и кафани во време на пандемија. Секако, тука се и оние за изборите во Штип, на кои најавуваше победа, за на крај да ги бојкотира. Беше активен и за пандемијата: ширеше дезинформации дека државата има тестови за Ковид-19 за само еден ден, па го демантираше министерот Филипче.
До него се редат други познати фејк њузери во ВМРО-ДПМНЕ. На пример, потпретседателот на партијата Александар Николоски, кој ќе го паметиме по лажните јавни фалби на медиум дека неговата партија придонела за чешкото и словачкото вето за заклуоците на ЕУ и бугарскиот став, и срамот кој го доживеа – да биде демантиран со прес конференција од овие две држави.
Николоски ја лажеше јавноста и дека Обединетите нации правеле проценка на владините мерки за пандемијата па беше демантиран и од канцеларијата на Светската организација, а меѓу серијата лаги ќе остане забележана и онаа дека ќе се затвора фабриката „Дрекселмајер“, што ја демантираа сопствениците на компанијата, но и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, некогашен потпретседател на партијата, кој очигледно не е по вкус на сегашната раководна екипа која го отстрани од раководството.
Со слични невистини се истакна и еден од ветераните во областа, Антонио Милошоски, исто така беа демантирани и кај нас, но и од меѓународна сцена. Тој ја излажа јавноста дека Холандија го поддржува бугарското вето, за да биде демантиран од холандската амбасада. Во јуни, тој сподели лажна вест дека граѓани од некои наши општини не можат да влезат во Грција. Лажеше и за некаква дефиниција за Гоце Делчев како Бугарин наводно договорена меѓу Заев и Борисов, иако договор очигледно немало, за што, освен демантите, тврдоглав доказ е самото бугарско вето.
Милошоски се обиде да испука и неколку „бомби“ и да манипулира со нелегално снимени разговори кои се најдоа „магично“ кај него, но и тие завршија како петарди со поминат рок на македонскиот бит-пазар богат со далеку пореални и вистински проблеми.
Меѓу предводниците на оваа фејк њуз офанзива на ВМРО-ДПМНЕ влезе и тазе-регрутираниот член на раководството, д-р Вело Марковски, кој требаше да биде човекот кој ќе му парира на темата здравство на неприкосновениот Филипче.
Марковски, не само што го прифати стилот на партијата, туку го надгради и прошири, и тоа за една тема со која најмалку треба да си играат луѓето – со здравјето, и тоа во време на опасна светска пандемија. Наместо сериозен конкурент, наспроти Филипче застана човек кој ја манипулираше јавноста за особините на Ковид-19, и кој од позиција на експерт во областа велеше дека вирусот не е опасен и дека брзо ќе исчезне.
Доколку навлеземе во другите ешалони на споделување на лажни вести поврзани со оваа партија, ќе ни требаат цели фермани. За постоењето на тоа пропагандистичко т.н. „дувло“ и начинот на неговото функционирање во ТВ емисија сведочеше и некогашниот потпретседател на партијата, ексминистерот за здравство, Никола Тодоров.
Во таа структура се поврзани и некои познати сомнителни или осомничени типчиња од безбедносните структури, но и луѓе од академската сфера, некои од „оливери“ медиумите под контрола на унгарски капитал, од уметноста и културата, од судството…
Американските „шампиони“ на лагата ја доживеаја нивната кулминација и крах на 6 јануари. Нашите веќе ја имаа пред неполни 4 години, на 27 април.
Американската правда допрва ќе се справува со последиците на постојаното труење на јавноста со лаги и омраза, кои кулминираа пред некој ден во Вашингтон. Голем дел од водечките фигури на Републиканците се дистанцираа и го осудија насилството и поведението на Трамп. Првите анкети покажуваат дека такво е расположението и кај голем дел од републиканското гласачко тело. Америка се обединува против лагите и омразата. Првите чекори на американските истражни, безбедносни и правосудни органи, ветуваат дека правдата ќе биде брза и ќе одговори соодветно на предизвикот.
Кај нас, за жал не можеме да речеме дека тоа е така. За ВМРО-ДПМНЕ, речиси 4 години по 27 април, насилниците кои ја рушеа државата тој ден се патриоти, а сè уште тече судењето за организаторите на крвавиот упад во Собранието. Главниот виновник, јунакот кој ги повика граѓаните „да не седат по папучи дома“, откако ги пушти низ вода насилниците што ги охрабри и организираше и ги осуди насилствата на кои сам ги повика, потоа се нудеше на властите да го апсат него и да не ги гибаат оние што го послушаа, за на крај – да избега „јуначки“ во Будимпешта. Типичен фејк њуз херој, по чии стапки сè уште „храбро“ чекори ВМРО-ДПМНЕ.
пишува: Петрит Сарачини