Фотографија од порноактерката Миа Калифа се користи за ширење на лажни вести и дезинформации, како и говор на омраза. Покрај сликата на поранешната порноактерка Миа Калифа (Mia Khalifa) е напишан текст: „Миа Јовановска од Студеничани Скопје освои прво место за физика на европското првентство EUFIZ 2021, зошто ниту една телевизија не објавува вакви убави вести?“. Ваквата објава која има скоро 500 споделувања и стотици коментари, има за цел да ги доведе во заблуда корисниците на социјалните мрежи и да предизвика гнев кон актуелната власт.
Благојчо Петровски коментира дека медиумите не објавуваат вакви „успешни и убави“ вести бидејќи Владата ќе треба да и даде стипендија, и ќе нема да има за „нивните деца“, при што Раде Митревски Македонски се надоврзува со прашање: „Зар имаме Влада“?, а креаторот на оваа лажна вест Владимир Пингов одговара на прашањето: „Немаме, само Димитров ќерка му си ја школуе“.
Оваа лажна вест се надополнува со говор на омраза. Лицето Драган Крајовски револтирано пишува тоа дека министерот ја прими на разговор „оро….та“ што по костум за капење се сликала на Тик Ток… (инаку мисли на девојката што го крена гласот и јавно проговори за случајот „Јавна соба“ каде што се објавуваа(т) фотографии на девојки без нивна дозвола). Додека Огнен Громов пишува: „Да беше шип…..ка три дена ќе ја величеа“.
Заслепени од омраза кон актуелната власт не е битно дали се работи за лажна вест, битно е да се критикува власта предводена од премиерот Зоран Заев.
Овој „успех на македонското девојче“ го објавиле и Македонска Народна Партија.
Оваа лажна вест предизвика воодушевување и гордост кај македонските граѓани. Даниела Кален пишува дека треба да се објавува секој ден вакви позитивни вести, бидејќи доста и е од труење со политика.
Објавата е своевиден плагијат, односно преземена од Србија, каде истата слика беше споделувана пред повеќе од еден месец со речиси идентичен придружен текст: „Миа Јовановиќ од ромската населба во Крагујевац освои прво место по физика на европско првенство. Зошто ниту една телевизија ова не го објави?“.
Покрај многуте споделувања и коментари (особено на Ромите од Србија), оваа лажна вест ја сподели и српската пејачка Зорица Брунцлик.
Но, Србите се уште „покреативни“ во ширење на лажни вести и дезинформации, па за истата порно актерка објавиле фотографија и тест: „Мојата ќерка. Лепотица. Завршила два факултета со просек 10. Заминала од Србија заради подобро утре, напуштила семејството, пријателите. На заминување ми кажа ‘мамо не сакам да бидам како тебе, да одвојам од уста како што ти правеше за мене“.
Oчигледно многу луѓе водејќи се според патриотските чувства подпаднале на ова лажна вест. Меѓутоа, повеќе од јасно е дека не се работи за сатира, туку за партиска пропаганда. Ако се погледне Фејсбук профилот на Владимир Пингов ќе се види дека речиси секоја објава му е против власта (користејќи и говор на омрааза), односно дека е член или симпатизер на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Со вакви аматерски и неоргинални (украдени објави) обиди не може да се сруши власта. Краткотрајни се ефектите, односно брзо е разобличена пропагандата која неумешно се затскрива зад сатирата. Ваквите лажни вести и дезинформации колку и да изгледаат небитни, сепак имаат за цел да ја разнишат довербата во институциите и да внесат раздор, предрасуди и омраза меѓу луѓето.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ