ЦИВИЛ – Центар за слобода, денеска по деветти пат ги наградува граѓанските новинари како дел од проектот „Граѓански објектив“ Доделување на наградите ќе се одржи пред седиштето на ЦИВИЛ, на ул. „Максим Горки“ бр. 31/1 (на паркингот кај Mr. Jack, зад преминот „Палета“), со почеток од 12.00 часот.
Граѓанските новинари овој месец пишуваа за неисполнетите инфраструктурни ветувања во Тетово, за проблемот со свлечиштата кои и по неколку изборни циклуси, при секоја поплава ја загрозуваат безбедноста на жителите на Кисела Вода, како и за неисполнетите ветувања во сферата на образованието и за успешната борба на текстилните работници во Македонска Каменица.
Тричлена комисија на ЦИВИЛ одлучи кој од испратените трудови денеска да биде награден. Петте најуспешни трудови ќе бидат наградени со вредносни ваучери за набавка на фото, видео и компјутерска опрема. Највисоката награда е ваучер во денарска противвредност од 110 долари. ЦИВИЛ досега во осумте циклуси додели 40 награди за граѓански новинарки и новинари од целата земја.
Секој граѓанин кој има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, може да биде граѓански новинар и да се вклучи во проектот „Граѓански објектив“. ЦИВИЛ ги охрабрува граѓан(к)ите активно да се вклучат преку истражување и медиумски активности во развојот на граѓанското новинарство и алармирањето за сите нерегуларности кои влијааат врз политичката состојба, преку пријави на закани, уцени, политичка корупција, поткуп на гласачкото тело, злоупотреба на јавни ресурси и администрација.
Преку текстови, аудио, фото и видео записи, ќе придонесете заеднички да ја зајакнеме јавната свест и да формулираме јавни барања за слободни избори, засновани врз доказите од вашите истражувања преку онлајн активизам, теренска работа, медиумски и јавни настани.
За учество во натпреварот „Биди граѓански новинар“, со пополнување на формуларот, кликнете ТУКА.
ЦИВИЛ – Центар за слобода им се заблагодарува на досегашните учесници и ги повикува и понатаму да продолжат со своето активно граѓанско учество да придонесат за заштита на човековите права и слободи и за демократизирање на општеството.
Проектот „Граѓански објектив“е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.