СКЕН: Вашингтон виа Велес, терор во Виена, изгубени во преводот, доследност…

скенира: ЏАБИР ДЕРАЛА

БАЈДЕН ИЛИ ВЕЛЕС? Како и насекаде низ светот, претседателските избори во САД се најважната тема на денот во нашите домови, се разбира, покрај пандемијата. Се разменуваат статистики, податоци од истражувања, загрижености за времето потребно да се избројат американските гласови, но се споделуваат и „длабоки Фејсбук анализи“ за ликот и делото на Доналд Трамп… Една возрасна интелектуалка, во живиот разговор меѓу соседите, вели на шега: „Ќе видиме велешанчињата дали ќе завршат работа. Ако им тргне, можеби Трамп ќе победи по втор пат.“ Одличен повод да се префрли разговорот на домашниот политички терен… Каде што сѐ е заговор, мит или легенда, која започнува и завршува со „не нѐ бива“…

ТЕРОР ВО ВИЕНА Жешките теми за американските избори и пандемијата ги истиснаа мрачните вести од Виена, погодена од терористички напад. Австриската полиција доцна навечер соопшти дека до 20 часот имало една потврдена жртва, неколку повредени (вклучително еден полицаец) и еден напаѓач убиен од полицијата во страотниот терористички напад со пукотници на шест локации во Виена. Светот е згрозен од овој најнов терористички атак. Пред полноќ дојдоа вестите дека голем дел од напаѓачите се уапсени. Граѓанските новинари објавија снимки од апсењето. Потерата продолжува. Истовремено, трката за сензација во медиумите ја заматува сликата, а дел од светските медиуми не се воздружуваат и да претераат, како да не се доволни самите факти на трагедијата. Нашите локалци, пак, заглавени во лошите преводи. Како и секогаш.

ПОРАКА ЗА ПОМНЕЊЕ „Нема да ѝ се предадеме на омразата чија цел е да ги подели нашите општества“ – твитна, меѓу другото, германското МНР ноќта, веднаш по терористичкиот напад во Виена.

ТВИТЕР ВОЈСКИ НА ОМРАЗАТА Во меѓувреме, започна уште една Твитер војна со хаштаг Виена. Наспроти пораките за смирување и сочувство за настраданите, се кренаа Твитер војски на омразата, да ја истераат својата „отровна правда“ во ноќта на теророт. Секако, за очекување е и локалните тролчиња да ја „преведат“ и локализираат оваа војна во познат манир.

ЗДРАВЈЕ ИЛИ ПОЛИТИЧКИ ПРОФИТ? Додека нормалните луѓе се борат со коронавирусот со маска, дистанца и сапун, други се борат против здравјето на луѓето. На некои партии им е поважно да фатат фотелја во некое си ново владино тело што тие си го замилиле, иако такво веќе постои и ја води војната со вирусот, не помалку успешно (или неуспешно) од многу други земји во развиениот свет. Човек не мора да е многу паметен за да препознае желба политички да се профитира. Некои медиуми и партиски трол војски, од оние што секогаш се „најдобро информирани“, продолжуваат со ширењето лажни вести и недоверба во здравствените институции. Но некако им снемува здив. Изгубени во преводот, засекогаш.

LOOK WHOS TALKING „Во принцип сакам да разговарам со луѓе чијшто збор држи, со луѓе коишто, кога ќе кажат нешто, стојат до сопствениот збор, што за жал во последно време не го гледам кај владејачката ДУИ“ – рече Мицкоски во емисија на скопската ТВ Клан, оценувајќи ги односите со албанските политички партии. Кој го кажа тоа? Политичар кој не одговорил на троцифрен број јавно поставени прашања, седи на тронот на партија која води изразито националистичка, а особено антиалбанска политика и не одржал ниту еден збор. И за три години изгуби во три изборни циклуси. Ова нема потреба да се преведе…