„Ај белки постхумно ќе му ја дадат, да умре дотогаш“ – ова е коментар оставен од страна на читател, кој може да се прочита под објавената вест на Фејсбук страната на порталот Плусинфо, на самиот ден кога премиерот Зоран Заев ја примаше наградата за човекови права од германската фондација „Фридрих Еберт“.
Во коментарите под оваа објава, освен ова посакување на смрт за Заев од профилот со име Даниел Сариев, може да се прочитаат повеќе недолични коментари и исмејувања. И неколку дена по објавата, овој коментар не е избришан од страна на администраторите на Плусинфо.
Инаку, да потсетиме дека токму за ваков сличен случај има и пресуда на Европскиот суд за човекови права во случајот „Делфи“ против државата Естонија. ЕСЧП ја отфрли жалбата на „Делфи“ и донесе решение кое упатува на тоа дека порталите, бидејќи имаат моќ и улога на уредување, објавување и бришење на содржините на нивните платформи, се одговорни и за модерирање на коментарите и други содржини објавени од страна на нивните читатели.
Тоа значи дека говорот на омраза објавен на некоја веб платформа не претпоставува само кривична одговорност за авторот на содржината или комантарот, туку дека одговорност за тоа понесува и платформата, бидејќи дозволува преку нејзе тој говор на омраза да стигне до масовна публика.
За жал, ова не е случај само со Плусинфо и коментаторите на платформите на социјалните мрежи на овој портал. Ретки се медиумите во Северна Македонија кои ја сфаќаат сериозно оваа обврска и одговорност. Во секциите за коментари или на Фејсбук страниците и Твитер налозите на македонските медиуми, повиците на насилство, говорот на омраза, жестоките навреди, клеветите, дезинформациите се редовна појава.
Очигледно, освен неказнивоста и неажурноста на правосудните органи кои ретко процесираат вакви дела, дел од одговорноста лежи и кај самите медиуми, кои спротивно на легислативата и одлуките на Европскиот суд за човекови права, дозволуваат говор на омраза на платформите на веб и на социјалните мрежи кои ги уредуваат и контролираат.
За да има промени кон подобро, ќе треба и да се елиминира неказнивоста кај оние што шират омраза, но и неодговорноста кај медиумите, кои некритички дозволуваат ширење на омразата на нивните платформи, иако можат да го спречат и да се борат против тоа, како заштитници на јавниот интерес.