Омраза, закани и поттикнување на насилство од поранешен член на Комисијата за антидискриминација „Кога ќе дојде време за под шатори, со оган ќе се одјавиме“

„Кога ќе дојде време за под шатори, со оган ќе се одјавиме. Од Македонија“, гласи Фејсбук пораката на поранешниот член на Комисијата за заштита од дискриминација, Тони Науновски, со фотографија на која се гледа како држи вперена снајперска пушка во рацете.

Објавата на поранешниот „антидискриминатор“ подоцна е повлечена, веројатно поради страв од законот.

Објавата на Науновски предизвика и неколку коментари со омраза и закани. Така, Јове Хаџиевски пишува: „Викај кога ќе дојде време“, додека Жарко Столески коментира: „1 мил и 100 души доста се… Почињам од Муртино“.

Поранешниот „антидискриминатор“ со години експлицитно и јавно изразува нетолерантни ставови кон припадници на најголемата немнозинска заедница во земјава и кон припадниците на ЛГБТИ. Тој исто така е дел од движењето „Бојкотирам“ кои се жестоки противници на актуелната власт.

Според Сандра Гавриловска, правен експерт на ЦИВИЛ, ваквата Фејсбук објава е кривично дело, односно  поттикнување на насилство според Член 23 од Кривичниот законик:

(1) Тој што друг со умисла ќе го поттикне да стори кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот.

(2) Тој што друг со умисла го поттикнува на извршување кривично дело за кое според законот може да се изречат пет години затвор или потешка казна, а нема да се направи ни обид за дело, ќе се казни како за обид на кривично дело.

Гавриловска додава дека олеснителна околност е тоа што го избришал статусот, но тоа не го ослободува од одговорност.

Останува да се види дали надлежните институции ќе преземат мерки за ваквите пораки и закани кои се упатуваат на социјалните мрежи, особено од лица кои се или биле вработени во некоја важна институција?

Мониторинг тим на ЦИВИЛ