Активисти на УМС Гази Баба го запалија бугарското знаме, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека е лажна вест

На Фејсбук страницата „ВМРО YМС Гази Баба“ вчера беше објавено видео на кое се гледа како активисти чии лица не се гледаат, го палат знамето на Република Бугарија, со коментар: „одговор на заедничката историја“. Во позадина на објавениот видео материјал се слуша и химната на ВМРО-ДПМНЕ. Линк до видеото.

Фејсбук профилот „ВМРО YМС Гази Баба“ денеска е преименуван во „ВМРО УМС Гази Баба“. Инаку, првата објава на овој профил е пред два дена, односно откако Сверна Македонија доби вето од Бугарија за отпочнување на датумот за преговори со Европска унија.

Видеото го споделиле над 2 илјади лица на своите Фејсбук профили, а има над илјада коментари кои се претежно со говор на омраза или навреда по етничка основа.

Видеото го споделуваат и голем дел од граѓани на Бугарија или се декларираат како Бугари.

За палењето на бугарското знаме реагираа и од Министерството за надворешни работи, од таму велат дека го осудуваат овој чин.

„Палењето на знамето на Република Бугарија најостро го осудуваме, како евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави, како и да се нанесе штета на угледот на Република Северна Македонија. Во оваа прилика сакаме да упатиме апел до граѓаните да не потпаѓаат под ваквите провокации, чија намена очигледно е нечесна и е во спротивност со стратешките интереси на државата да ги негува и развива добрите односи со соседите“, велат од МНР.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие не стојат зад овој профил и дека е црна пропаганда за Мицкоски. Додаваат дека е лажна вест дека членови на УМС на ВМРО-ДПМНЕ го запалија бугарското знаме.

Меѓутоа, на Фејсбук профилот на УМС Гази Баба до овој момент нема соопштение или оградување и осудување на палењето на бугарското знаме.

Побаравме одговор од МВР дали ќе реагираат и ќе спроведат истрага за пронаоѓање на лицата кои го запалија знамето на Бугарија, но не добивме одговор до моментот на објавување на содржината.

Дехран Муратов