Груби преку лажни и манипулативни вести претставен како воен злосторник, наместо како преведувач во истрагата за „Жолтата куќа“

Вицепремиерот Артан Груби деновиве е мета на лажни вести и дезинформации дека бил директно инволвиран во случајот „Жолта куќа“. Одредени портали и (лажни) профили на социјалните мрежи последните неколку дена вршат целосно превртување на суштината на темата за улогата на Груби во таканаречената „Жолта куќа“. Не само вистината, туку во последните написи се манипулира и целосно со темата и суштината на оваа прашање. Одредени портали се повикуваат на последната изјава на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, извртувајќи ја изјавата во сосема спротивен агол и ја вадат од контекст.

Лажните вести во медиумите на албански јазик беа од аспект на тоа дали Груби бил истражител или само преведувач и дали бил повикан да сведочи против командантите на ОВК. Ахмети во последната изјава за ТВ21 објаснил дека Груби бил само преведувач.

„Артан Груби беше преведувач и самиот ја објасни работата околу „жолтата куќа”. Знаев за Груби дека работел како преведувач и службеник во седиштето на НАТО во Скопје, потоа и во Холандската амбасада во Скопје, како и дека седум или осум години работел како преведувач во Хашкиот трибунал. По Хаг, работел во НАТО и во амбасадата во Скопје. Го познавам најмалку 15 години“, одговорил Ахмети.

Но, одредени портали оваа изјава ја извртија и преку манипулативни текстови алудираа дека Груби имал улога во спротивната страна, осомничените за злосторства.

Вицепремиерот Артан Груби негира каква било инволвираност во случајот „Жолтата куќа“, напротив тој тврди дека и во обвиненијата за косовскиот претседател Хашим Тачи и експретседателот на косовското Собрание не се споменува „Жолтата куќа“ и дека тој работел само како преведувач за Хашкиот трибунал.

„Работев за Хашкиот трибунал од 1999 до 2004 година и во албанскиот град Бурел бев заедно со иследникот на Хашкиот трибунал, по претходни наводи за наводни злосторства таму и се утврди дека нема никаков случај. Во неговиот извештај тоа го кажа и се затвори. Бев службено како дел од Хашкиот трибунал. Секоја година се отвора оваа тема, едноставно моето сиви е јавно објавено не веб-страницата на Владата, претходно на Собранието, и сите знаат дека сум работел во Хашкиот трибунал од 1999 до 2004 година во канцеларијата на обвинителката како преведувач и тоа сум работел на истраги и во Македонија, Косово, Албанија, во Црна Гора и Србија и нема ништо спорно во мојот ангажман.

Според Груби отворањето на случајот „Жолта куќа“ и неговото вмешување во истиот во Албанија е за предизборни цели.

Но, очигледно случајот со Груби не се користи само во Албанија за партиски поени, туку и кај нас. Одредени политичари и јавни личности бараат оставка од Груби и од Заев.

Но ширачите на лажни и манипулативни информации, не само политичарите од власта, туку и активистите за човекови права и одредени новинари ги ставаат во контекст на случајот со Груби.

Џабир Дерала од ЦИВИЛ вели дека она што е познато во јавноста е дека Груби бил само преведувач во истрагата, и дека целта на одредени лица е да манипулираат и да шират поделби и омраза.

„Не ги знам деталите, но од тоа што е познато во јавноста, Груби бил преведувач во истрагата. Како тоа го имплицира во самиот случај, знаат само оние што манипулираат со намера да продолжат ширење поделби и омраза. Јас во 2001 година прибирав искази за масакрот во Љуботен. Дали тоа значи дека сум соучесник на злосторникот Тарчуловски. Напротив, тоа значи дека сум работел за правдата, а не за злосторникот“, изјави Џабир Дерала.

Како се отвори темата за Груби? Темата се отвори во медиумите на албански јазик во Албанија и Северна Македонија, а во една прес конференција на Демократската Партија во Албанија се спомна името на Груби како преведувач на Хашкиот Трибунал. Нападите врз Груби беа во правец на тоа – дали Груби имал улога во подготвување на тужбите против соборците на Ахмети.

Инаку, „Жолтата куќа“ за време и по воениот конфликт во Косово беше посочувана како место во кое се правеле операции за вадење органи од заробеници на ОНА. Обвинителката Карла Дел Понте беше првата која јавно проговори за злосторствата сторени таму.

ЦИВИЛ веќе долго време ги следи овие појави и секојдневно објавува извештаи во кои ваквите содржини ги разобличува, а во својата комуникација со јавноста, ги повикува граѓанките и граѓаните да се спротивстават на ваквото штетно дејствување со пријавување и преиспитување на секоја содржина во медиумите и социјалните мрежи. Исто така, ЦИВИЛ континуирано ги повикува институциите да ги спречат и санкционираат центрите во кои се продуцираат и од кои се дистрибуираат овие лажни содржини.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ