АРБЕН ЗЕЌИРИ, новинар
Сѐ уште нема правда во медиумската сфера во нашата земја. Вистина е дека денеска нема толкава задушеност како во минатото кога новинари се апсеа, се напаѓаа (и тоа од владини функционери), се закануваа и се корумпираа.
Денес има слобода на изразување, релаксирана атмосфера и повеќе простор за критика и истражувања. Институциите се потранспарентни и укината е веќе владината корупција преку плаќање на владини кампањи во избрани медиуми блиски до Владата.
Но таа слобода денеска се злоупотребува до бескрај од одредени медиуми, во повеќето случаи токму од медиумите кои во минатото биле блиски и (финансиски) разгалени до поранешната власт, или нови медиуми слични на нив.
Истите продолжуваат да клеветат до денешен ден, да навредуваат и линчуваат. Некои од нив продолжуваат да се корумпираат од сомнителни фондови за антидржавна и антизападна пропаганда. Сите на куп, благодарение на денешната слобода, се ставаат на исто рамниште со професионалните медиуми. Кога првите лажат, навредуваат или клеветат, се „казнуваат“ со осуда од алатките за саморегулација, исто како што се осудуваат и професионалните медиуми за ненамерни грешки или пропусти.
За првите тоа веќе не се вика казна оти срамот не им претставува проблем. А за професионалните, тоа е олеснување во споредба со заканите и тужбите во минатото, но е навреда и потценување кога се стават во ист кош (според начинот на казнување и осуда) со медиумите кои намерно навредуваат, клеветат и линчуваат.
Иако до скоро бев против законска регулација на работата на медиумите, поради горенаведените причини почнав сериозно да размислувам дека некогаш мора да се одлучиме и за таква регулација.