Јовановиќ: Борба меѓу елементарната потреба на човекот да ја знае вистината и оние кои сакаат да ја инструментализираат за свои цели

МИРОСЛАВ ЈОВАНОВИЌ, извршен директор на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ

Од кога светот знае за себе, се води борба меѓу елементарната потреба на човекот да ја знае вистината, и оние, од центрите на државната, политичката и економската моќ кои сакаат да ја инструментализираат за свои цели, да ја наметнат само својата верзија.

Македонија не е никаков исклучок од таа  општа слика која се заостри (наспроти очекувањата) од првиот момент на промената на системот и прогласување на демократијата како врвен дострел на човечката политичка потреба. Ние во РСМ, како „млада“ демократија, за жал, многу бргу увидовме дека борбата за слобода на медиумите што значи неотуѓиво право на секој  граѓанин – јавно и непречено да изнесе свое мислење – мора да биде храбра, упорна и непрестајна, зашто сѐ друго е нејзино игнорирање и попуштање пред моќта (власт, пари…). Без таа борба , недостиг на срамот ќе се зголемува, криминалот ќе се смета за вештина и способност, а чесноста за чиста глупост.

СЛОБОДЕН ПЕЧАТ од првиот број настојува на својата публика да ѝ понуди само вистинска, што значи точна и ангажирана информација од која читателите (народот) ќе имаат корист. Против загрозувањето на слободата за која секојдневно на нашите страници се бориме, се криминалци од сите области на животот, манипулатори и сите други заплашени од можноста вистинската информација да ги разоткрие и да им ја уништи криминално стекнатата позиција во општеството. За тоа тие во секое спротивно мислење гледаат непријателство, а во критиката – клевета и лага.

Слободната информација, што значи можност за различно мислење во кои ќе бидат вткаени најшироките општествени интереси, единствено може да ја унапредат демократијата, човековите права и слободи –  за кои овој народ е жеден.

 


По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, сите содржини објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ на овој ден се достапни за објавување според лиценцата Creative Commons 4.0.