пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
За изборите, како течеле и што сѐ (ќе) произлезе од оваа скапа акробација на тенка жица, оптегната меѓу два стрмни брега, меѓу демократскиот Запад и деструктивниот Исток, ќе говорат безброј аналитичари, новинари и политичари. Изборниот модел, малата разлика меѓу главните натпреварувачи во изборната трка, Пржинската влада, коронавирусот и, се разбира, факторот Али Баба – го прават гласањето само една од многуте битки што ѝ претстојат на македонската демократија.
Имавме избори што, гледано во целина, беа слободни, демократски и безбедни. Во исклучително тешки услови, без функционална политичка влада, со нови пикови на епидемијата на коронавирусот, а особено со полиција, но и други институции, кои беа длабоко поделени меѓу партиската солдатеска и професионалците… Најголемите честитки, сепак, без двоумење одат на адреса на граѓанките и граѓаните, бидејќи излегоа во релативно висок број на гласање. Да повториме – со оглед на сите околности. Како и да е, ова е четврти изборен процес по падот на режимот, кога можеме да кажеме дека во Северна Македонија веќе не се спроведуваат изборни кражби, иако проблемите се повеќе од очигледни и ни малку не се за занемарување.
Државната изборна комисија, институција со највисока одговорност во изборните процеси, со голем буџет и со огромна финансиска и техничка поддршка од меѓународните експерти и организации, е посебна приказна. Не е прв пат да го видиме ДИК во ситуација во која се наоѓаат блогери почетници. За тоа треба посебно да се пишува, а веројатно и да се истражува. На локалните избори, бројките од записниците во избирачките места, општинските изборни комисии се менуваа по патот до ДИК. Во 2018 година имаше една низа ситуации кои предизвикаа дубиози, чудни грешки видовме на претседателските избори во 2019, а сега, во 2020-та, веќе предолго чекаме на конечни резултати… При толку ресурси и капацитети, едноставно, ДИК не може да си го дозволи ова. Едноставно, не може, па што сака нека е во прашање. Но, рековме, ова е посебна тема. Нѐ чека тежок и неизвесен постизборен период во кој веројатно и оваа тема ќе се изгуби во вителот на настаните и процесите…
Сега ќе се сведуваат билансите со големи дози обвинувања. Во секој случај, ова беше изборна битка на високо изразени контрасти и спротивности.
Национализмот беше главната карта на едната, а евроатлантските интеграции на другата страна. Говорот на омразата, лажните вести и дезинформациите добија невидени размери. Да не се сомневаме, смрдеата и отровите што беа излеани, ќе останат уште долго, а и допрва ќе се разлеваат наоколу. Надежта на Мицкоски дека со црна кампања добие повеќе влијание беше тешка стратешка грешка. Од друга страна, малата радикално десничарска и националистичка Левица, доби доволно гласови да влезе во парламент, возејќи се токму на црната кампања.
Кај партиите на Албанците, видовме уште една тешка борба да се детронизира Ахмети. Тој обид беше неуспешен. Ахмети, кој е речиси постојано на власт од 2002 година, не штедеше на ресурси, од кои голем дел се наши, заеднички, на државата. Неговата партија не штедеше, ни средства ни начини, за да се врати на политичката сцена уште посилен, откако во 2016 година му се преполови моќта во парламентот. Тоа се должи на стратешки грешки и пропуштени шанси за искоренување на длабоко вгнездената политичка корупција низ целата земја, па и во регионите од каде што Ахмети ја црпи својата моќ.
Како и да е, сега голем дел од изборните ветувања нема шанси да се остварат и тоа треба сите да го дадат јасно до знаење, да нема недоразбирања како минатиот пат. И да не се прават пазари што целосно ќе ги дезавуираат сите ветувања дадени во изборната кампања. Првата епизода од политичкиот трилер-хорор заврши со малку надеж и многу неизвесности. Снимањето на втората епизода започна.
Но, на филмскиот сет го нема Мицкоски. Го виде некој?