ЦИВИЛ: Имавме слободни и безбедни избори, проблемот на ДИК со резултатите фрла огромна сенка врз процесот

Општа оценка на изборниот процес, според првичните резултати од обработените извештаи од мониторингот на ЦИВИЛ, е дека имавме уште еден деликатен, но успешен, демократски, слободен и безбеден изборен процес во РСМ. Им честитаме на граѓанките и граѓаните за високата свест и политичка култура, како и за почитувањето на здравствените протоколи.

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА 16.07.2020

Gepostet von Civil MK am Donnerstag, 16. Juli 2020

Сепак, денот беше исполнет со тензии на повеќе места низ земјата, како и со голем број помали или поголеми пропусти, па и нерегуларности. Денот го одбележа, меѓу другите, и инцидентот во Тетово, каде што „блиска средба“ имаа советникот на техничкиот министер Наќе Чулев со локалните полицајци. ЦИВИЛ го осудува овој насилнички акт на советникот и очекува брзо решавање на случајот.

Што се однесува до нерегуларностите, ЦИВИЛ во наредните денови, ќе ги објави сите наоди, со име и презиме.

Денеска, сепак, ќе наброиме дел од нерегуларностите.

Извикување на името на гласачите по неколку пати, партиски надбљудувачи кои запишуваат и бројат, прашања во стилот „Дали комшиите излегоа да гласаат?“ се само дел од случувањата во скопските општини Чаир, Бутел и Радишани.

Се создадоа турканици, се собираа поголеми групи на партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ пред избирачките места во повеќе делови од Скопје, Штип, Кочани и други места.

Службени лица, поточно, полицајци се јавуваа да пријават кои лица гласале, а кои не.

Избирачките одбори се носеа добро, гледано во целост, но денот го одбележаа низа пропусти во нивната работа, а посебно забележливо беше тоа што во некои случаи ги извикуваа имињата на гласачите, а некои, пак, пред сите присутни во ИМ извикуваа кој број да се заокружи и тоа, во повеќе наврати, бројот 9, односно ДУИ, а во неколку случаи и сугестија да се одбере бројот 14, односно ВМРО-ДПМНЕ.

Мерките за заштита од коронавирусот во принцип беа почитувани, но со бројни помали или поголеми исклучоци.

Избирачкиот список беше проблематичен во околу сто случаи, сепак, далеку од илјадниците на кои бевме сведоци во изборни процеси меѓу 2008 и 2014 година.

Сѐ на сѐ, уште еден солиден изборен процес, далеку од идеален, особено со оглед на околностите со коронавирусот, во кој видовме дека многу лекции сме научиле, но и многу остануваат да се научат.

Во текот на наредните денови, особено откако ќе се надмине скандалозната ситуација со изборните резултати од ДИК, ќе се објават серија извештаи, анализи и препораки на низа суштински важни теми, како што се политичкото финансирање, говорот на омразата, лажните вести и дезинформации, како и изборната администрација, Изборниот законик и изборниот систем.