Закани и притисоци

Изборните процеси во земјава, секогаш, по дефиниција, на површина ги исфрлаат сите дефекти на институциите, општеството и државата. Меѓу нив, без исклучок, секогаш и секаде, се политичките закани и притисоци, преку поделби, страв и заплашување, некогаш бесрамно, а некогаш помалку суптилно.

Политичките закани и притисоци по дефиниција се системска злоупотреба и притисок врз политичка основа чија цел е да се контролира гласачкото тело. Па според тоа, неретко во себе го содржат и елементот на злоупотреба на службената должност. Или, попрецизно, се подвид на оваа категорија. Најчести жртви на заканите и политичките притисоци се граѓанките и граѓаните вработени во јавниот сектор, но не е исклучен ниту приватниот.

Овие притисоци воопшто не се непознати за нашето општество, и се особено интензивирани во пресрет на изборните процеси. СМС пораки за мобилизација, списоци со „сигурни гласачи“, отпуштања, казни се само дел од низата злоупотреби преку кои се врши директна систематска политичка пропаганда.

Во изминатите години ЦИВИЛ како организација која спроведува интензивен и сеопфатен мониторинг на изборните процеси во земјата, бележи голем број на закани и политички притисоци врз вработените во општините, основните и средните училишта, детските градинки, комуналните и јавните претпријатија. Но, вработените во јавниот сектор не се единствените жртви на политичкиот притисок, туку на вакви притисоци се изложени и работниците во приватниот сектор, социјално ранливите категории, како и самите сопственици на приватни фирми, најчесто преку Управата за јавни приходи. Оние похрабрите, политички неподобни или непослушни, најчесто на крајот се соочуваат со казни и отпуштања од работа, непродолжување на договорите за работа, намалување на платата…

Секој обид за закана или политички притисок за време на изборните процеси мора да биде пријавен и соодветно санкциониран, само така граѓанките и граѓаните ќе се охрабрат да го остварат своето право сами да носат политички одлуки. Само на овој начин во земјата може да се спроведат слободни избори што е предуслов за владеењето на правната држава.

М. Ивановска

 


Со цел да придонесе кон јакнење на јавната свест за правото на глас, како и за нерегуларностите во изборните процеси, ЦИВИЛ започна со серија едукативни текстови за различни аспекти на изборните процеси. 

Граѓанките и граѓаните што имаат информации за кршење на правото на глас, злоупотреби, притисоци и други нерегуларности во текот на изборниот процес, можат да пријават на онлајн формуларот Слободни избори или да контактираат со ЦИВИЛ на [email protected], во инбокс на ФБ страницата на ЦИВИЛ или да се јават на 02/5209176.