До каде се кандидатурите за градоначалници на Охрид, Дебар и Ново Село?

Паралелно со Претседателските избори во три општини во земјата ќе се одржат и предвремени локални избори. Во Охрид, Дебар и Ново Село ќе се одржат предвремени локални избори бидејќи градоначалниците на овие општини Јован Стојановски и Ружди Лата починаа, а градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, беше уапсен за шверц на цигари.

ВМРО-ДПМНЕ денеска ги претстави своите кандидати за градоначалници на Охрид и Ново Село. Во Дебар најверојатно нема да учествуваат со свој кандидат за градоначалник.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид е д-р Митре Милошевски, неврохирург, вработен во болницата Свети Еразмо во Охрид. Додека за градоначалник на Ново Село, Централниот и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го кандидираат Николчо Стоилков, магистер по деловно право и вработен во Царинската управа на Република Северна Македонија.

Преговорите за консензуален кандидат за претседател меѓу СДСМ и ДУИ ги држеше во заложништво кадидатурите за градоначалници на овие три општини.

Во февруари, од СДСМ изјавија дека сѐ ќе зависи од исходот од преговорите за консензуален претседател. А истото го потврдија и од ДУИ.

На официјалната веб-страница на СДСМ последната информација околу Локалните избори 2019 година е отворениот повик за самокандидирање на кандидати за градоначалници на овие три општини. Повикот е затворен на 9 февруари годинава.

ЦИВИЛ Медиа, постави неколку прашања во врска со одлуките за кандидати за градоначалници на овие општини до СДСМ, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор, освен дека треба прашањата да им ги испратиме по електронска пошта. Но, одговор нема ниту по мејл, ниту по телефон.

Од политичката партија Алтернатива изјавија дека размислуваат за повеќе опции, но и дека ќе се фокусираат само на Дебар.

“Една од опциите е да имаме наш кандидат. Дури и според анкетите, ние сме меѓу фаворитите да го добиеме Дебар и верувам дека наскоро ќе биде финализирана конкретна одлука”, рече Орхан Муртезани, Алтернатива.

И од Алијансата велат дека се фокусирани на Дебар и дека одлучиле да излезат со нивен кандидат, додавајќи дека се отворени за соработка со другите партии и дека очекуваат поддршка. Оттаму велат дека нема преговори за коалиција, ниту имаат конкретен кандидат.

Маја Ивановска