Вулнет Махмути, граѓански активист, на Фестивалот на слободата, на Говорницата за човекови права зборуваше за своето искуство и активизам во ЦИВИЛ.
„ЦИВИЛ, што можам да кажам за ЦИВИЛ, тоа е нешто повеќе од организација нешто повеќе од работно место. Слободно можам да кажам дека ЦИВИЛ е како семејство. Можам да кажам дека се гордеам дека бев дел од ЦИВИЛ, а во текот на мојот ангажман, тоа ми беше како втора куќа и уште е. И покрај мојата возраст ЦИВИЛ ме прифати таков како што бев, мојот почеток беше забавен, со Караванот на слободата. И покрај работните задачи сепак имавме простор да уживаме на концертите низ целата земја.
Бев млад, но бев разочаран од сè што се случуваше во државата, мислев дека на никој не му е гајле за обичните луѓе и дека тие никогаш нема да добијат право на збор и дека никој не ги слуша… Со ЦИВИЛ ми се врати довербата. Сфатив дека секој граѓанин има право и место за да го каже своето мислење и дека ЦИВИЛ има отворени врати за сите… Во ЦИВИЛ научив многу работи, научив да ги гледам работите поинаку, научив дека некој се бори за правата на обичниот граѓанин и дека секој обичен човек може да биде херој на некоја приказна, особено со семинарите и работилниците на Граѓанскиот објектив за граѓански новинари
Права и слободи на човекот — основните критериуми што ја отсликуваат улогата на човекот и граѓанинот во едно општество. Истовремено тие се реалниот показател за карактерот на власта. Колку се понапредни тие, толку повеќе ја стеснуваат можноста на власта за злоупотреби кон правата и слободите на човекот.
Република Северна Македонија, од 1997 година ја прифатила јурисдикцијата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Франција.
Човековите права се сметаат за прекршени во следниве неколку примери:
Непризнавањето на раса или етничка група
Ако жените не бидат третирани како еднакви со мажите
Ако религиозни групи не бидат третирани како еднакви со други
Осудувањето на смрт
Ако човекот е продаден или третиран како слуга
Гаснењето на водата при неплаќање на одредена сметка
Непостоење на бесплатно школување
Казнувањето на личност без правилно судење
Немањето право на глас или политичко претставување
Овие човекови права се кршеле и се кршат но прашањето е колку ние како граѓани тоа ќе го прифатиме и дали ќе се бориме за тоа да не се случува…
Политичарите, јасно ни е колку се грижат за нас, но ако ние не сме гласни за тие да ги слушнат нашите маки тогаш не можеме да ги правиме нив толку виновни.
Жално е да кажеме но голем број од жителите на ова држава немаат ни основни услови за живот, како прво немаат вода за пиење односно нема водовод… а немаат ни канализација. Како може некој политичар да го дозволи тоа, да ги кршат основни права на човекот… па без капка срам кога има избори секогаш им ветуваат дека ќе им средат водовод и канализација а потоа локални шерифи од истите партии на овие лажговци идат на различни начини да ги убедат граѓаните дека треба да гласат за одредена партија… смешно е, но со брашно и зејтин пробуваат да ги купат гласовите на слободните граѓани… сме сведочеле до сега и на друга опција како се обезбедуваат гласови: со закани за бркање од работа или одземење на правото на социјална помош…
Па реално да гледаме, нема кршење на човековите права во ова држава, овде обичниот граѓанин може да живее како ќе се снајде“, изјави Вулнет Махмути.
Б. Ј. (обработка на текст)
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Кирил Михаилов