Во страв од судските реформи шират лаги дека Маричиќ забранувал користење на „Македонија“ и „македонски“

Ниту министерот Бојан Маричиќ, ниту министерството, ниту кој било друг може да забрани користење на именката „Македонија“ и на придавката „македонски“ ако нивната употреба е согласно закон. Ова го потврдуваат низата решенија потпишани од министерот во последните три месеци, со кои се одобрува формирање на здруженија. Сите здруженија ги користат термините „Македонија“ или „македонски“ во своите називи и никогаш никому тоа не му било забрането. Но, очигледно за силните противници на судските реформи не важат официјалните решенија и одобрувањето на именката и придавката, па тие со креирање лажни вести измислуваат дека министерот ги забранува.

Што значи сето она што се пласира во јавноста со спротивна теза, дека некој забранува употреба на именката и придавката, се лажни вести со намера да му наштетат на министерот, а со крајна цел да ги поткопуваат судските реформи кои конечно започнаа да се спроведуваат. Кој ја спроведува хајката со лажни вести? Сигурно оние чија лична слобода и кариера се загрозени од интензитетот и опфатот на реформите.

Од Министерството за правда за МИА потврдиле дека е класична лажна вест оти министерот за правда ја забранил употребата на придавката „македонски“ и името „Македонија“ во називот на граѓанските здруженија, односно трговските друштва. Министерството за правда, секогаш кога тоа е во согласност Уставот и законите, дозволува да се употребува придавката „македонски“.

Имено, само во последните неколку месеци се регистрирани друштвата со имиња СВЕТА ЛИДИЈА МАКЕДОНКА-ЧЕНТО, Македонска сомелиерска асоцијација-МАКСА, Здружението за екологија, едукација, спорт, култура и развој на свеста на граѓаните за историјата на македонскиот народ МАКЕДОНСКА ПРЕРОДБА Сопиште, Здружението Македонска Асоцијација на Планински и Ски Водичи на Република Северна Македонија.

Ако се погледнат решенијата, издадени во последните месеци, тогаш е јасно дека ниту министерот, ниту министерството не забрануваат користење ниту на именката „Македонија“, ниту пак на придавката „македонски“. Но, лажните вести дека наводно тој забранил нивна употреба не престануваат да се шират. Кому му пречат реформите во правосудството, па им се спротивставуваат со лажни вести? Дали првите десетина разрешувања на судии, но и решителноста на министерот да ги спроведе реформите до крај и да ги исчисти сите корумпирани и криминални кадри во правосудството, некому создадоа паника и страв? Дали спрегата на корумпираната структура во правосудството со опозициската ВМРО ДПМНЕ и партиските медиуми под нејзина контрола, стојат зад лажните вести? Едно е сигурно, дека валканата дискредитација на министерот ќе продолжи, оти засегнатите од реформите нема да престанат да ја лажат јавноста, но исто така, нема да престанат ниту заложбите за професионално и независно судство, во кое нема да има место за ваквите кои се подготвени со лаги да ги дисквалификуваат реформите.