Лажните вести и квазиинтелектуалниот хетеросексизам на Венко Андоновски

Откако минатиот викенд ја прочитав колумната По(а)рно сексуално образование во Нова Македонија на Венко Андоновски, не можев да престанам да мислам на неа. Андоновски ми беше познат како интелектуалец и успешен писател, но наеднаш читав нешто што личеше на некохеретен бумерски Фејсбук статус, а не колумна во етаблиран весник. Процесот на аргументација на колумната е отприлика овој:

Jас и моите пријатели немавме сексуално образование, па пак направивме деца (хехе). Не треба децата да учат за секс од порно страници ама па и ССО (Сеопфатно Сексуално Образовение) не ми се свиѓа. Исто така верата и љубовта не можат да се изучуваат „разумно“, па затоа не можеме да имаме сексуално образование. Во ССО програмите ќе се изучува за различни родови идентитети и сексуални ориентации и ова образование „преку грбот на децата, [пробува да го] реши проблемот со општественото прифаќање (па дури и ВИП-вреднување) на хомосексуалноста“. Наместо ССО, јас предлагам да имаме предмет Уметност на лубовта и една од лектирите за тој предмет треба да биде „Лолита“.

Обично не би трошела време на демантирање на аргументи на вакви текстови, но оваа колумна многу ме загрижува не само бидејќи е напишана од некој како Венко Андоновски, туку и бидејќи практично нема извори кои се цитирани и делумно се заснова на лажни вести.

Најпрво, мислам дека ваква колумна треба да нè загрижи бидејќи доаѓа од писател и професор кој се смета за врвен интелектуалец во македонската јавност. Неговиот роман „Папокот на светот“ не само што беше екстремно популарен, туку и се сметаше за висока литература. Многу читатели може автоматски да ги сметаат ставовите изразени во оваа колумна како легитимни, токму поради авторитетот кој Андоновски го има заради своите литературни и академски достигнувања. Интересно е што дел од аргументот се базира на референци на дела од така наречената класична литература како „Ана Каренина“ и „Госпоѓа Бовари“ кои Андоновски ги препорачува како лектири за предлог-часот Уметност на љубовта. Преку овој реторички потег, Андоновски креира илузија на интелектуалност. Односно, преку овие референци, Андоновски се издвојува од обичните сексисти и хомофоби. Тој не користи експлицитно сексистички јазик, туку Андоновски пишува за Лав Толстој и Томас Ман. Андоновски дури и ја предложува „Смрт во Венеција“ како лектира. Па може ли ваков човек да е хомофоб?, ќе си рече некој читател. И тоа како.

Второ, мора пак да напоменам дека ова не е нешто постирано на личен профил на социјални медиуми или на личен блог, туку е објавен текст во етаблиран македонски весник. Текстот нема јасно дефинирани референци и извори за некои од ставовите, односно Андоновски референцира одредени извори како на пример Џозеф Анвин („Сексот и културата“, 1934), но е не до крај јасно каде точно може да се најдат овие информации, како на која страна или од која издавачка куќа се објавени овие студии. Валидноста на аргументот не се сведува на научна или логична аргументација, туку на „верувај ми бе, јас сум Венко Андоновски“.

Едноставно морам да прашам, каде е уредникот на Андоновски? Како некој не му кажал дека оваа колумна (како и уште многу други) имаат сериозни проблеми во нивната аргументација и новинарска легитимност? Секако, во колумна авторот или авторката изразува сопствено мислење и став по одредено прашање, така што колумната како жанр има одредена вградена субјективност. Но, сепак тоа мислење мора да биде поддржано со факти, извори и логична аргументација. Ако тоа не е така, дури може таа колумна да навлезе во реонот на лажни вести. Сметам дека Андоновски тоа го прави во оваа колумна, но тој особено шири лажни вести во неговата хомофобична колумна од Септември, 2020 со наслов Подалеку од децата, крвопијци умоболни. Андоновски го пишува следното:

Читам наслов: „Саем на деца во Брисел“. Читам текст: „Веќе четврти пат, американската организација Men having babies (Мажи што имаат деца), ги отвори денеска и вчера (22 и 23 септември) вратите на „саемот на деца“ во Брисел, за хомосексуалци што бараат „родителски можности за европските хомосексуалци“, целосно игнорирајќи ги европското право и правото на поединечни европски земји… Најниската цена е 95.000 долари (пред четири години беше 60.000 долари), а максималната сума е 160.000 долари. (…) Акцентот е на децата, односно на трговијата со нив. Се ПРОДАВААТ деца.

Кој не би бил гневен по читање вакво нешто? Трговија со деца каде што стотици илјади долари се во прашање? Ако сте хомофоб, оваа вест веројатно уште повеќе би ве разлутила. Но, има мал проблем со колумната на Андоновски: „саемот за деца“ никогаш не се случил на начинот на кој што е опишан од Андоновски. На 21ви и 22ри септември (ни датумите не се точни во колумната), Men Having Babies имале конференција за родителство кај геј мажи, не саем на деца. Секако и во оваа колумна нема референцирани извори за овој настан, така што читателите не можат лесно да ја најдат оваа вест. Прво, отидов на веб страната на Men Having Babies и секако немаше никакви информации, ниту пак цени за бебиња. Men Having Babies е едноставно организација која им помага на геј мажи да имаат деца, го промовира користењето на сурогат мајки и создава мрежи на поддршка. Кога побарав „Brussels child fair“, успеав да најдам неколку медиуми кои ја пренеле веста меѓу кои и Remix Media каде што исто така немаше референци или јасни извори, но и медиуми кои ја сметаат веста за анти-ЛГБТи пропаганда. Исто така во истражувачки напис од Hungarian Spectrum, е објаснето дека Remix Media е уште еден веб сајт кој има врски со Фидез, крајно десничарската партија во Унгарија предводена од Виктор Орбан, и кој објавува пропангадистичка содржина на англиски јазик. Сепак не е до крај јасно како е почната оваа вест бидејќи најдов различни написи на повеќе јазици (италијанскисрпски, итн.) како и на религиозната веб страна Union of Orthodox Journalists.

По ова мало интернет истражување ми стана јасно дека колумната на Андоновски шири хомофобија базирана на лажни вести. Нормално, имало реакции за колумната, а Андоновски зборува за тие реакции во колумна објавена во Октомври 2020 со наслов Каде се правата на малцинството „талент“?. Во оваа колумна тој се извинува за септемврискиот текст, но и се брани, велејќи дека „меѓу хомосексуалците имам пријатели“ и дека „крвопијци капиталистички умоболни“ … се однесуваше на трговците што им ПРОДАВААТ деца (преку изнајмена матка) на хомосексуалците“. Но октомвриската колумна нема никакво демантирање на лажната вест од неговата септемвриска колумна или објаснување дека плаќање на трудот на една сурогат мајка која согласно носи и раѓа бебе не е исто со трговија на луѓе.

Веќе имаше реакции од повеќе луѓе за колумната По(а)рно сексуално образование каде се зборуваше за потребата на ССО и зашто текстот на Андоновски не држи вода – би го препорачала написот на Лени Фрчковска. Бидејќи веќе има одрена дискусија околу ова, јас би сакала да се фокусирам на специфичен дел од оваа колумната која е поврзана со честата употреба на лажните вести во колумните на Андоновски. Пред да даде објаснување за неговиот предложен предмет Уметност на љубовта, Андоновски пишува: „[Прифаќањето на хомосексуалноста] е дел од една СОЦИОЛОГИЈА на сексуалноста. Тоа не е баш наука за основци, како и културологијата на сексот. Затоа, блиско ми е здружението за човекови права „Од нас за нас“, кое има критички став кон внесувањето на трансродовите идеологии во образованието.“

Кога ја прочитав фразата „трансродовите идеологии“, сѐ ми стана јасно. Веќе со години крајни (alt right) десничари како Бен Шапиро и Џордан Петерсон користат слични фрази и го политизираат самото постоење на трансродовите лица, односно луѓето чив родов идентитет не се совпаѓа со полот кој им бил даден при нивното раѓање. Во последните 6-7 години, трансродовите лица имаат повеќе видливост, а со тоа станаа поголеми мети на десничарските движења. На пример, во САД дури се носеа закони со кои се им се забрануваше на трансродовите лица да одат во тоалетите кои се соодветни за нивниот род. Очигледно овој штетен и трансфобичен дискурс стигнал до Македонија и сега го шири здружението „Од нас за нас“. Фактот што Андоновски дирекно ги референцира „Од нас за нас“ е можеби најопасното нешто во неговата колумна.

„Од нас за нас“ е конзервативно здружение предводено од Гордана Гоџо која има профилна слика со буквата Q во која има мали знамиња со сонцето на Вергина на нејзиниот Твитер профил. Буквата Q во овој случај e очигледна референца на верувачите во QAnon, односно теориите на заговори кои почнаа во САД и се раширија низ целиот свет. QAnon следбениците веруваат дека САД е контролиран од тајна збирштина на сатанисти и педофили кои учествуваат во трговија со деца и заговараат против Доналд Трамп кој за нив е месијата кој треба да ги спаси децата кои се жртви на оваа наводна трговија со луѓе. Ова конзервативно (или крајно десничарско) здружение исто така шири лажни вести за Ковид-19 и вакцините. Во написот Контроверзната страна на сеопфатното сексуално образование, „Од нас за нас“ пишуваат на застрашувачки начин за нешто што тие го нарекуваат „транс-родовата идеологија“ и родовиот спектар преку кои наводно се креира „нова генерација на транс-родови и психички растроени деца“. Тие исто така во истиот напис ја шират лажната теорија на заговор дека американската организација Планирано Родителство (Planned Parenthood) “е вклученa во нелегална трговија на органи од абортирани фетуси”. На 1ви Февруари, Сакам Да Кажам репортираше дека „Од нас за нас“ дури ширеле лажни вести за ССО програмата, тврдејќи дека сексуалното образование ќе почне да се изучува од второ одделение. Ова воопшто не е точно. ССО ќе се изучува од септември 2021 како изборен предмет  од 9то одделение во 4 училишта. Така што, дефинитивно е голем проблем што некој како Венко Андоновски го смета здружението „Од нас за нас“ како блиско и тоа го прокламира јавно.

Во општеството каде авторитетот на машкиот интелектуалец се смета за извор на апсолутна вистина, навистина не е мала работа еден професор кој има илјадници читања на своите колумни, да пишува написи базирани на лажни вести и застрашувачки репрезентации на ЛГБТИ заедницата. Без разлика дали тој сака да признае, Андоновски има голема платформа и авторитет кои ги користи за ширење дезинформации, омраза и шовинизам и тоа е крајно опасно. Но, нормално за апсурдноста на овие колумни не мора да ми верувате мене, слободно прочитајте на веб страната на Нова Македонија.

Извор: Медуза.мк