Актерката и активистка, Владанка Димковска на панел дискусијата од Граѓанскиот форум на ЦИВИЛ на тема – национализам, вели дека секој вид национализам е лош, особено оној затскриениот национализам.
„Не може една нација да се третира посебно, особено не во нашето општество, бидејќи живееме во општество каде што (се трудиме) сите да се еднакви. Не мислам дека национализмот и патриотизмот се поврзани, тоа не зависи од етничката припадност, бидејќи секој подеднакво може да си ја сака татковината. Љубовта кон татковината не нè прави националисти, меѓутоа омаловажувањето на другите националности нè прави националисти, дури ако е и во блага фаза, доколку сакаме да се поставиме над некого ние со тоа стануваме дел од таа мембрана и всушност се приклучуваме на таа група на гараѓани.
Во последно време може да забележиме дека и кај младите го има ова, има навреди на етничка основа, посебно на социјалните мрежи, графити, по автобус(к)ите…
Сржтта на овој проблем не е само на едно место и еден извор, туку има повеќе извори, почнувајќи од образованието каде што треба да се шири заедништвото и сите заедно да ги искорениме национализмот и разликите, бидејќи од таму, од најмала возраст треба да се работи за подоцна да немаме последици. Удел за ширење на национализмот имаат и политичките партии, но и семејството во кое што тие млади растат“, вели таа.
Димковска истакна дека борбата со затскриениот национализам кој е умешно и добро спакуван е исто како борбата со лажните вести, односно се бориш со невидлив непријател.
„Тоа е манипулација со одредена група и тоа го прават итри луѓе кои знаат како да ти спакуваат и пласираат информација. За таквата затскриена националистичка порака да може еден млад човек да ја воочи, потребно е да се работи повеќе во образованието. Треба еден млад човек да има јасен став и да може да го воочи тој затскриен национализам и да рече – не, фала нема да ја земам оваа „бомбона“ нема да ја јадам.
Таа нагласи дека затскриениот национализам е пострашен од отворениот национализам, бидејќи не ги напаѓа само младите туку и постарите со веќе оформен став и веднаш ги „купува“.
Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Биљана Јордановска