Редовно ажурирање на Избирачкиот список, но пријава на фантоми сè уште нема

Избирачкиот список, што до 23 февруари до 14 март ќе биде на јавен увид за граѓаните, се ажурира секојдневно. Државната изборна комисија дневните извештаи ги објавува на својата веб страница.

Заклучно со 25 февруари, јавен увид во ИС извршиле вкупно 14587 граѓани. Само за 7 граѓани е донесено решение за запишување, на 2 граѓани е извршена промена на податоците. Досега нема  решенија за бришење од ИС, ниту, пак, некој увид во Ио со поништена адреса на живеалиште.

Овие податоци се однесуваат само на лична проверка на податоците од ИС  во некои од поддрачните одделенија и канцеларии на ДИК и во 46 дополнителни канцеларии сместени во единиците за локална самоуправа.

Што се однесува до онлајн проверката во ИС, на адресата на ЦИВИЛ веќе пристигнаа пријави за нерегуларности. Граѓаните пријавуваат појава на фантомски гласачи, што ниту живеат на нивната адреса, ниту, пак, некогаш живееле. Ако пријават во ДИК, се препраќаат во МВР и обратно.

Во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, за проблемот со фантомските гласачи, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, рече дека е најлесно вината да се префрли на нив, но одговорноста за проблемот лежи на друго место.

„Апелиравме до граѓаните да ги подигнат документите, затоа што само во тој момент тие влегуваат во ИС и добиваат право на глас. Но тоа не значи дека во ИС има таканаречени фанотми. Сите се здрави и живи луѓе, фала богу, меѓутоа треба да се потрудиме ние сите, како држава, во наредниот период да направиме некои институционални измени што ќе доведат до регулирање на правата и обврските на граѓаните со цел подобро ажурирање на списокот“, потенцираше Деркоски.

Деркоски проблемот и одговорноста ги посочи кон надлежните за уредување на уличниот систем, односно, со промените на адресите, што го прави и хаосот во ИС. Инаку, како што вели Деркоски, фантомски гласачи нема.

Она што им останува на граѓаните, доколку одлучат електронски да се проверат во ИС, за исправки во истиот ќе мора лично да пријават во ДИК и нејзините поддрачни одделенија и канцеларии.

Биљана Јордановска