ДИК отфрли преку 2.000 приговори, Бачев со непримерно однесување, Левица со манипулации на социјалните мрежи, следна станица е Управен суд

Седницата на Државната изборна комисија за приговорите на политичките партии започна вечерва со мало задоцнување, во 18 и 20 часот. Присутни беа претставници на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Единствена Македонија, како и набљудувач на ЦИВИЛ.

Партијата Левица со речиси 2.000 приговори, според ДИК, уредно поканета преку е-пошта, немаше свој претставник на оваа седница. За време на седницата, членови на Левица на социјалните мрежи тврдеа дека немаат покана. Претседателот на ДИК, Деркоски, потврди дека тие се уредно поканети на оваа седница.

Паралелно со обидите за манипулација од оваа партија на социјалните мрежи, 1.478 приговори на Левица беа експресно отфрлени како неосновани од причина што не биле потпишани. На социјалните мрежи се појавија шеги дека првиот човек на партијата со 2.000 приговори, се заканувал кај членството на партијата дека ќе казнувал затоа што заборавиле да ги дадат кај него на потпис. Но, ако се задржиме на сериозната страна на вечерашните одлуки по приговорите, останува информацијата дека „левичарите“ најавија дека ќе се жалат на Управен суд за оваа одлука на ДИК. На социјалните мрежи, се разбира, затоа што, наводно, не биле поканети.

Сите приговори и на Алијанса за Албанците и Алтернатива, исто така, беа отфрлени како неосновани со образложение дека во записниците на избирачките одбори не биле внесени забелешки со кои би се потврдиле тврдењата на оваа партија. Едноставно, ДИК вели дека Алијанса нема доказ за нерегуларностите во Кичево, каде што наводно се гласало во име на лица кои не се во земјава.

Од Единствена Македонија се појавија со приговор дека не биле препознатливи на самото гласачко ливче и побараа увид во целиот изборен материјал. Набљудувачот на ЦИВИЛ пренесува дека на приговорот на партијата Единствена Македонија, одговори членот на ДИК, Борис Кондарко, кој вели дека увид може да имаат само доколку имаат конкретни докази и секако доколку постои забелешка во официјалниот записник на ИО. Претставникот на оваа партија, Јанко Бачев, во еден момент на седницата, членовите на ДИК ги нарече марионети и продолжи со навреди, по што беше опоменат дека ќе биде отстранет од просторијата. Сите приговори на оваа партија се едногласно одбиени.

На претставниците од партиите кои поднесоа приговори им беше дадена можност да ги образложуваат своите приговори. По Алијанса, образложува од партијата Демократи кои имаат приговори што се однесуваат на сите шест изборни единици. Според ДИК, ни Демократи немаат приложено докази и едногласно беа одбиени од Комисијата.

Елизабета Постоловска од ДИК, тврди дека СДУ во нивниот приговор повикуваат на извршување кривично дело. Предлогот на СДУ е да се повикаат граѓаните да да кажат за кого гласале.

Приговорите на МОРО, ИНТЕГРА и Глас за Македонија се одбиени едногласно, исто така, затоа што, според ДИК, немаат приложено никаков доказ или прилог со приговорот.

Шесте приговори на ВМРО-ДПМНЕ за несовпаѓање на резултатите добиени по електронски пат и од записниците, исто така, се одбиваат. Оваа партија има приговор за неважечките ливчиња за случај каде што гласач, освен заокружениот број за оваа партија, го пречкртал зборот Северна, со барање овие гласачки ливчиња да се прогласат за важечки.

Јанаќе Витановски од ДИК оцени дека приговорот на ВМРО-ДПМНЕ е паушален, без основ и без доказ. Според него, ДИК ги прегледа сите записници од ИО кои што беа потпишани од мнозинството на ИО без забелешка во однос на резултатите, а истите се внесени во систем. И приговорите на ВМРО-ДПМНЕ се едногласно одбиени како неосновани.

Партиите имаат право за овие одлуки на ДИК да се жалат до Управниот суд.

Ариан Мехмети