Владата на Северна Македонија ги демантира и ги отфрла како невистинити тврдењата на пратеникот Антонио Милошоски дека наводно „премиерот Заев и министерот Спасовски делеле македонски пасоши на терористи од ИСИС“. Од Владата бараат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да престане да ги саботира успешните акции на Министерството за внатрешни работи.
-Ова е брутална лага која има за цел да ја манипулира јавноста, да попречува случајот да се расчисти до крај и да направи штета на угледот на институциите кои посветено и успешно се справуваат со секаков вид криминал. Институциите разоткрија случај и сузбија криминална група, чии членови – вработени во управните служби на МВР, злоупотребувајќи ја службената положба издавале македонски патни исправи преку злоупотреба на туѓ идентитет, се вели во соопштението од Владата.
Оттаму потенцираат дека неколку дена пред да бидат соопштени резултатите од акцијата челниците на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ започнале да ја саботираат акцијата. Тоа го прават и деновиве, посочуваат од Владата, и со тоа, како што велат, сериозно и неодговорно се обидуваат да го загрозуваат процесот преку доведување на јавноста во заблуда со лаги.
-Владата очекува Обвинителството да расчисти со овие обиди за саботажа. Остануваме посветени на бескомпромисна борба со организираниот криминал и корупција и во таа насока продолжува и соработката со нашите стратешки партнери, се вели во соопштението од владината прес-служба.