Уште не седнати на функционерското столче, уште ниту време си дадоа да си ја отворат барем првата фиока од своето кабинетско биро, новите министри и заменици, наместо да се зафатат за изборните правила, се истрчаа да го спроведат партискиот налог за лаги. Со грст невистини, истурајќи купче лажни слики за состојбите во своите ресори, побрзаа да ја активираат партиската пропагандна машинерија.
пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Избори се ближат. Сѐ повидливи стануваат протагонистите на лажните вести. Сѐ појавни се изворите, авторите и креаторите на тоа современо информативно зло на кое демократскиот свет му отвори војна.
Продукцијата на лажни вести ќе се зголемува правопропорционално со зголемувањето на интензитетот на партиските кампањи и обратнопропорционално со приближувањето на изборите. Зборот е дека токму политичките партии се најпродуктивните центри на лажни вести. Токму оние кои пред секои избори се растрчуваат по доверба. Истите оние кои и сега ќе нѐ убедуваат во тоа дека се подобри од другите. Ќе ни се лигават за нашиот глас, ќе нѐ гледаат в очи и ќе нѐ лажат. Наместо да ни објаснуваат чекори за реализација на проекти, премолчувајќи ги своите, ќе нѐ бомбардираат со криминалите на политичкиот противник.
Примерот со небулозниот модел на таканаречената пржинска влада се покажа неадекватен за неговата иницијална функција. За спроведување фер и демократски избори со градење и со манифестирање меѓусебна доверба меѓу власта и опозицијата. Но затоа, пак, се покажа мошне поволен за емитување лаги. За предизборно манипулирање. За продуцирање лажни вести од позиции на времени, но високи предизборни државни функции.
Уште не седнати на функционерското столче, уште ниту време си дадоа да си ја отворат барем првата фиока од своето кабинетско биро, новите министри и заменици, наместо да се зафатат за изборните правила, се истрчаа да го спроведат партискиот налог за лаги. Со грст невистини, истурајќи купче лажни слики за состојбите во своите ресори, побрзаа да ја активираат партиската пропагандна машинерија.
Во нашите политички околности, стана нормална состојба да се шират лажни вести. Не е важна вистината. Не се важни граѓаните. Важни се само нивните гласови. Важно е по секоја цена, па и преку лаги, да се дојде на власт. И невладината Цивил, платформата и за овој текст, во своето обемно аналитичко истражување нотира дека дел од политичките субјекти и дел од медиумите, не покажуваат ниту минимум политичка култура. Ниту, пак, покажуваат намера и за овие претстојни избори да водат фер и аргументиран меѓупартиски натпревар.
Па, кога е веќе сосема јасно дека и за пролетниот партиски натпревар нема надеж за помак во политичката култура, тогаш би требало таа да се бара во медиумите. Кај нивните уредници. Таму, во професионалните редакции. Во сите, без исклучок. Тие да почнат и да опстојат, наместо на партиите, да им служат на граѓаните. Конечно, да станат брана, непремостлива пречка за партиски политики креирани преку партиски лаги.
Фронтот против лагите во јавноста треба да е општествено широк. Па, сепак, вакцината против вирусот лажни вести е кај нив, кај медиумите.