Семинар за транспарентни и одговорни политички процеси во Гостивар

ЦИВИЛ влегува во новата 2020 година со вообичаеното, интензивно темпо на активности. На самиот почеток на годината, меѓу многубројните активности, се издвојуваат секогаш интересните семинари посветени на транспарентните и одговорни политички процеси, а со кои се поттикнуваат активизмот, граѓанското учество и граѓанското новинарство.

Првиот семинар од 2020 година ќе се одржи на 25 јануари во Гостивар, а право на учество ќе имаат граѓанките и граѓаните од Полошкиот плански регион.

Апликација за учество на регионален семинар „Граѓански објектив“ во Гостивар

Во период на политички превирања, кога во јавната комуникација сè почесто се употребува говорот на омразата и лажните вести, граѓанските новинар(к)и се тие кои може да придонесат кон општествените заложби за демократска и аргументирана јавна дебата, кон разобличувањето на дезинформациите и другите облици на хибридни напади врз демократијата. Како што знаат ЦИВИЛите да кажат:

Граѓанските новинарки и новинари се носители на новинарството што известува без страв и без услуги.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани, како и своите досегашни учесници и соработници од семинарите за граѓанско новинарство, како и сите заинтересирани за мониторинг на изборните процеси да фотографираат, снимаат и забележуваат.

Промената е во вашите раце! – повикуваат од ЦИВИЛ од самиот почеток на проектот во октомври .

Преку граѓанското новинарство, граѓанките и граѓаните имаат можност да бидат контролори на работата на државните и локалните функционери и институции и да вршат притисок тие да работат според законите, транспарентно и одговорно.

Семинарите на ЦИВИЛ кои се дел од проектот „Граѓански објектив“, претставуваат можност за граѓанките и граѓаните да се запознаат со основите на човековите права, како и да се стекнат со вештините на мониторингот и новинарското известување. Со активно учество и подобрување на вештините, секој може да придонесе кон транспарентноста и одговорноста во политичките процеси.

Семинарите на ЦИВИЛ се одлична можност за воспоставување на соработка со ЦИВИЛ, а во пресрет на изборните процеси, тие се најважната етапа да се стане дел од мониторинг тимовите на организацијата.

ЦИВИЛ, како и сите претходни изборни процеси од 2008 година наваму, ќе го мониторира спроведувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Доколку сакате да станете кандидат за мониторинг тимот, сè што е потребно е да се пополни пријавата за учество на некој од семинарите кои ЦИВИЛ ќе ги организира во наредниот период.

ЦИВИЛ тим за комуникации

This post is also available in: English