Успешен семинар за граѓански новинари во Велес

На дводневниот семинар за граѓански новинарки и новинари во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода, кој се одржа викендов во Велес, учестуваа 25 учесници од 11 општини од земјата.

Посебната комисија која ги верификуваше и одобри апликациите за учество на семинарот, внимателно ги селектираше учесниците имајќи ја предвид рамномерната регионална застапеност, како и разните општествени профили, со цел да бидат застапени најразлични професии, што е всушност и суштината на граѓанското новинарство во светот.

На овој дводневен семинар беа опфатени најразлични теми кои им помогнаа на граѓанските новинар(к)и да се стекнат со вештини и практични знаење од областа на новинарството, но и човековите права и слободи, изборните процеси и општествено политичките случувања. Тие исто така се запознаа со основите на изброниот мониторинг, и навременото и објективно информирање и известување за општествените и политичките процеси.

На семинарот беа претставени и новите компоненти на проектот, кои на слушателите им овозможуваат директно учество во имплементацијата на проектот, како на медиумската платформа, така и во работата на ЦИВИЛ како огранизација за човекови права.

Семинарот беше и вовед во започнување на имплементацијата на компонентата „медиуми на заедниците“ чија цел е да формира два тима што ќе бидат финансиски поддржани од ЦИВИЛ да започнат свој блог или веб страница со информативни содржини за локалните настани.

По теоретскиот дел и предавањата на тимот од искусни предавачи, како и граѓански новинари кои веќе ги поминале овие обуки и се дел од големото семејство на граѓански новинари од земјата, учесниците вториот ден имаа практична настава и работа на терен од каде произлегоа многу содржини кои во наредниот период ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

Во наредните месеци ЦИВИЛ ќе организира уште еден ваков голем семинар за кој заинтересираните ќе можат да се информираат на нашите сајтови и фејсбук страници.

This post is also available in: Albanian