Убавините на најдобриот и најлошиот изборен резултат, истовремено!

пишува: Сашо Орданоски

[dropcap font="arial" fontsize="45"]П[/dropcap]арадоксално, ВМРО-ДПМНЕ го доби и најдобриот и најлошиот изборен резултат на кој можеше да се надева. Од една страна, остварија изборен успех кој е речиси израмнет со резултатот на противникот од страна на власта, што мора да е изненадувачки добро и за самите нив. Од друга страна, ваквиот резултат не им остава простор за „бојкотирачки маневар“ во вториот круг, дури макар и во „крајна нужда“ да размислувале за тоа. Овој резултат ги обврзува да мораат максимално да се мобилизираат и за вториот изборен круг и, со тоа, потенцијално, да ја легитимираат победата на Пендаровски на овие претседателски избори.

Бидејќи, да не се залажуваме: Пендаровски, објективно, е фаворит во вториот изборен круг.

Дополнително, а не помалку важно, ова е поволен резултат и за изјаснувањето по Преспанскиот договор. Максималната изборна мобилизација на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека се базираше речиси сосема врз „предавството на Заев“ и останатите дребулии со Преспанскиот договор, во првиот изборен круг доживеа дебакл, бидејќи покажа дека бројот на „разочарани“ Македонци од тој Договор е отприлика само половина од позитивниот референдумски резултат за истиот тој Договор.

Со други зборови, да излезеа на референдумот, ќе беа поразени со дупло поголем резултат од гласовите на оние кои го поддржуваат тој Договор. Затоа и го бојкотираа референдумот. Не е лошо што и ова го расчистивме.

Друго е прашањето каде е во скорот на Пендаровски другата половина од гласовите што неговите партиски спонзори, СДСМ и нивните коалициски партнери, ги добија на референдумот за Преспанскиот договор?

Ох, тоа големо потфрлање сигурно ги боли и пече! Но, Преспанскиот договор нема пресудна врска со тоа – големиот дел од тие гласови им останаа скратени на ова гласање заради начинот на кој владеат, а не заради постигањата од Договорот во Преспа. И ова е добро да се знае.

Значи, СДСМ и ДУИ во првиот круг од гласањето на овие претседателски избори се „казнети“ со помалку гласови од очекуваните главно заради лошото практично владеење, за што постојат мноштво од аргументи. Но, ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг на овие избори не доби голема поддршка – всушност, доби една од најмалите можни изборни поддршки од кога ме држи сеќавањето – заради хазардерската иднина што им ја предлагаат на гласачите, токму залагајќи се за поништување или, во најмала рака, некакво нејасно непочитување на стратегискиот правец во кој се движи државата.

Тоа е, сепак, битна разлика. Едно е лошо да владееш со државата, за што можеш да изгубиш на избори. Друго е лошо да ѝ мислиш на државата, за што можеш да ја изгубиш државата.

Сега, да бидеме практични: тоа значи дека Христијан Мицкоски, после овој изборен резултат, ќе ја зацврсти својата позиција во ВМРО-ДПМНЕ не како резултат на големите постигања на груевистичката политичка ориентација со која ја води партијата, туку како резултат на низата пропусти во владеењето на своите опоненти, коалицијата на власт. Дури, кога ќе се стивне вревата со која го прославуваат поразот во првиот изборен круг, станува јасно дека и освоените гласови на ВМРО-ДПМНЕ се далеку од импресивни. За нив ќе биде најлошо ако мислат дека од победа во вториот круг ги дели само успехот во трговијата со гласови со албанските политички партии.

А на СДСМ, пак, овој гласачки „нокдаун“ му доаѓа можеби точно на време пред да доживее вистински изборен „нокаут“. Зоран Заев е на работ да ја прокоцка иднината на државата заради неспособноста на неговата Влада да ги спроведе политиките за кои доби иста ваква поддршка каква што сега ја добива ВМРО-ДПМНЕ, кога немаше големи надежи за тоа. Не вреди повторно да се раскажува приказната за кравата и клоцнатата канта со млеко... За нив ќе биде најлошо ако мислат дека од победа во вториот круг ги дели само успехот во трговијата со гласови со албанските политички партии.

Затоа и мислам дека убавината на овој изборен резултат е што во него има поуки за сите. А најмногу за оние кои размислуваат дали во следниот изборен круг да излезат на гласање.

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.