Политичка злоупотреба на деца кај Силјановска и Ахмети

Наспроти апелот на ЦИВИЛ - Центар за слобода, веднаш да се преземат мерки и да престане политичката злоупотреба на деца, партиите што учествуваат во изборниот процес очигледно немаат намера да запрат.

За жал, ваквата состојба се забележува кај речиси сите учесници во изборниот процес и нивните поддржувачи, а од институциите сѐ уште нема никаква реакција.

По реакцијата на ЦИВИЛ, за Фејсбук страницата Македонија, која има над 30.000 следбеници, каде покрај повици за бојкот на претстојните претседателски избори, содржини полни со говор на омраза и против Преспанскиот договор, објавува и фотографии од штотуку проодени деца во политички контекст, долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ констатираа злоупотреба на деца во политички цели и од страна на кандидатката за претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Од промотивното видео на Гордана Силјановска Давкова

Имено, во промотивниот спот на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, се снимени и малолетни деца преку кои се изразува поддршката за неа.

Што се однесува, пак, до Ахмети, на Фејсбук страницата на партијата, вчера беше објавено видео со наслов „Како Албанците го пречекаа Ахмети во Охрид“, каде што две малолетни деца, одат пред него со корпи полни со цветови кои ги постилаат на патеката по која се движи тој.

Ja si pritet në Ohër kryetrimi i shqiptarëve në Maqedoninë e Veriut, Ali Ahmeti

Gepostet von Bashkimi Demokratik për Integrim - BDI am Samstag, 6. April 2019

Ваквите постапки на политичките структури во земјата значат непочитување на Законот за заштита на децата и се неприфатливи за држава која се бори за напредок и влез во Европската Унија.

ЦИВИЛ, уште еднаш, остро реагира на политичката злоупотреба на деца и бара од надлежните институции веднаш да реагираат! Местото на децата е надвор од политиката. Тие имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневно-политичките случувања. „Бараме од надлежните институции сериозно да се зафатат со детектирање и соодветно санкционирање на сите што ги злоупотребуваат децата и малолетниците во политички и изборни цели“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.

М. Ивановска