Децата како пропагандно оружје

Како и секогаш кога се работи за хоророт на политиката и изборите, очекувам и овој рафал, колку и да е јасен и гласен, да помине незабележано, иако се работи за децата, за нивна бесрамна злоупотреба. За што се работи?

Познато е дека тенденцијата да се користат децата како пропагандно оружје им е својствена најчесто на политички структури склони кон милитаризам, национализам и авторитарно владеење. Децата ги злоупотребуваат како пропагандно оружје во сите војни во 20-от век, особено видливо од Првата светска војна па натаму. Децата се пропагандно оружје на тоталитарните режими на 20-от век, особено во пропагандните машинерии на Сталин, Хитлер, Мусолини и кинеските комунистички диктатори. Тито нема да го спомнувам, иако треба, бидејќи ќе го одвлечам вниманието од проблемот што го имаме денеска, сега.

Џабир Дерала

По Втората светска војна, децата се правно заштитени, но злоупотребата во политички и комерцијални цели продолжува. На светската сцена денес, забележлива е злоупотребата на децата во пропагандни цели што ја спроведуваше, сега поразениот, ИСИС. Но, тие не се осамени во злоупотребата. Диктаторите Путин и Ердоган не се воздржуваат од злоупотреба на деца и малолетници во своите пропагандни походи на јавната свест. Незаборавен е минатогодишниот скандал кога Ердоган, на расплаканото девојченце во униформа кое излегува на сцена со него, му ветува високи државни почести ако биде убиено во борба.

Со сета гротеска, својствена на балканскиот мачо популизам, злоупотребата на децата како пропагандно оружје не престанува ни во македонската политика, до денешен ден. И на овие, претседателски избори, политичарите си поигруваат со свеста на луѓето и го кршат Законот за заштита на децата.

Фрагмент од пропаганден плакат со Хитлер

Според член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување. Децата се заштитени и со меѓународна легислатива, ратификувана во нашата земја. Читајќи ги извештаите од мониторингот, ми изгледа дека заштитата на децата никому ништо не му значи.

Во името на децата, сѐ за доброто на децата, грижа за нивната добробит, среќа и иднина... Со поглед устремен кон иднината, визијата за посветло и подобро утре... Само и само поради децата... Децата се повторно на фотографиите и во видео спотовите што се објавуваат на Фејсбук, веб страниците и на ТВ, во пропагандата на политичките партии што ги поддржуваат претседателските кандидат(к)и. Или како веќе го формулираат тоа...

Децата и кинеската револуција

Освен со јога и национализам, ДПМНЕ се служи и со децата за да присобере некој глас повеќе за својата кандидатка. Така е и во ТВ спотот во кој пропагандниот тим на ДПМНЕ се обидува го присвои граѓанскиот отпор што е заслужен за нивното уривање. Во една од сцените, гледаме семејна идила со две деца во кадарот, каде што родителите упатуваат политички пораки.

На една од безбројните трол страници на Фејсбук за кои е извесно дека произлегуваат или се инспирирани од различните крила во ВМРО-ДПМНЕ, има деца облечени како антички војници, со партиски шалчиња и друга иконографија, со политички пораки. На безмалку сите фотографии од нивни настани има деца што се користат како дел од иконографијата.

Мусолини му доделува медал на мало девојче (фрагмент)

Не е без гревови против законот што ги штити децата ни Али Ахмети, најголемиот коалиционен партнер на СДСМ и консензуален поддржувач на Стево Пендаровски. Да, оној што, зад завесите, „кога ќе се угаси светлото“, е верен ортак на ДПМНЕ. Доволно е да се погледне неговото вчерашно видео, објавено на Фејсбук. На прв поглед, тоа е урнебесно смешна сцена, како во добра политичка сатира. Две деца облечени во албански носии, фрлаат латици од ружа два чекори пред Ахмети, па тој гази по нив. Мајко мила, кој ли му го смисли ова? Знаејќи за неговата маркс-ленинистички идеолошка историја, можеби автор на таа идеја е и самиот Ахмети.

Кој и да ги смислува кампањите на партиите и сега и во минатото, сигурно добро знае дека е вклучен во директна, остра и противзаконска злоупотреба на деца за политички цели. Нечесно и валкано. Штетно! Неприфатливо до крај!

 


Илустрација (1) во прилог на текстот: Пропаганден плакат со Сталин (фрагмент)

Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.