Изборите повторно ја разбудија антимигрантската хистерија

„Тензично на македонско-грчката граница“ е насловот со кој осамнаа повеќе информативни содржини на македонските медиуми и портали поврзани со судирите на мигрантите и грчката полиција во привремениот камп Диавата во близина на Солун.

Она што медиумите намерно, или не, заборавија да го објаснат е дека кампот нема никаква врска со граничните премини на двете земји и дека се наоѓа на оддалеченост од околу 60 километри од границата.

За ваквата постапка на медиумите реагира и активистката Мерсиха Смаиловиќ од Легис, која на својот Фејсбук профил буквално им ја исцрта мапата на новинарите кои ја пренесоа оваа вест.

„ Почитувани новинари, медиумиски работници... Имате обврска да известувате транспарентно и вистинито. Да не ширите страв кога за тоа не постои основа. Посебно во овој чувствителен период, изборната кампања, треба уште повнимателно да известувате. Денешните немири во Грција, помеѓу полицијата и бегалците, НЕ Е НА ГРАНИЦАТА СО МАКЕДОНИЈА, не е ни блиску до Македонија! Доволно е да отидете на GOOGLE MAP и да видите каде се наоѓа кампот. Благодарни сме на новинарите и новинарките кои се доследни и професионални! На бегалците и мигрантите потребна им е наша поддршка и солидарност, а тоа денес би значело, да шириме вистини за тоа што се случува во регионот Диавата, Грција“, напиша Смаиловиќ.

Вака пласираните содржини околу она што се случува во привремениот камп Диавата, повторно створија плодна почва за партиските ботови кои се задолжени за ширење хистерија околу мигрантската криза. И повторно за време на избори.

Изминатите години, по правило, секој изборен процес во земјата е проследен со „мигрантска криза“.

За потсетување, на пример, во екот на кампањата за локалните избори 2017 година, опозициската ВМРО-ДПМНЕ служејќи се со лаги и дезинформации манипулираше со своите поддржувачи кои стигаа дури дотаму што собираа потписи за референдум против изградба на бегалски кампови во повеќе општини во земјата, иако воопшто не постоеше план за изградба.

Демантите на Владата дека нема да има населување на мигранти, ниту пак ќе се градат станови за нив, не ги предомислија советите на неколку општини да донесат одлука да се одржат референдуми за прашањето за населување на мигранти и тоа на истиот ден со локалните избори.

Сè започна од општина Аеродром, кога на Фејсбук групата Аеродром во моето срце се објави фотографија од бегалци, со текст дека СДСМ по преземањето на локалната власт во Општината, на нејзината територија планира изградба на бегалски камп! Набргу потоа започна собирањето на потписи во општината, каде дури беше нападната и новинарска екипа.

Потоа, четиринаесет општини, донесоа одлука за распишување на референдуми заедно со локалните избори, а подоцна државниот инспекторат за локална самоуправа ги запре донесените одлуки. Референдумите не се одржаа, но ни камповите никогаш не се изградија. Единствено што остана е ненаучената лекција, и на политичарите и на граѓаните, дека манипулациите не и носат ништо добро на земјата.

На 30 октомври 2018 година Владата донесе одлука да се продолжи кризната состојба на јужната и на северната граница до 30 јуни 2019 година, со цел превенирање и спречување влез и транзитирање на мигранти на територијата на Република Северна Македонија.  Кризната состојба поради наплив на мигранти на македонската граница беше воведена летото во 2015 година, и оттогаш се продолжува.

Маја Ивановска