ЦИВИЛ со панел дискусија „Попис: Статистика, не политика“ во Гостивар

ЦИВИЛ  денеска ќе одржи панел дискусија „Попис: Статистика, не политика“ во општина Гостивар, со почеток во 16 часот. Панелот ќе се одржи во просториите на Општина Гостивар, а учесници  ќе бидат Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар, Бесим Мемеди, претседател на совет, Зоран Ангелов – координатор на советничка група на СДСМ, Марјан Силјаноски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, Кашмир Салиу - советник од ДСР. Панелот ќе го модерира Џабир Дерала, ЦИВИЛ.

Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, панел дискусијата ќе биде одржана без публика, но ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од панел дискусијата ќе бидат објавени на медиумската платформа на организацијата на македонски, албански и англиски јазик. Посебни видео прилози ќе бидат објавени и на YouTube каналот на ЦИВИЛ. Како и секогаш, редакциите со кои ЦИВИЛ има соработка се поканети да ги преземат сите медиумски содржини со соодветна атрибуција и линк.

Во фокусот на панел дискусијата е потребата да се одвои политиката од статистиката, бидејќи пописот тоа и е - статистичка операција, а не полигон за етно-политички пресметки. За јавноста е важно да се слушнат ставовите и на гостиварските учеснички и учесници во панел дискусијата на кои, меѓу другото, ќе им дадеме простор да споделат и некои основни информации за текот на подготовките на пописот, како и неговото значење за развојот на општините, економијата, стопанството и градењето политики и практики на локално и национално ниво.

Панел дискусијата ќе трае околу еден час и половина. За време на дискусијата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи и дел од нив ќе ги пренесе до учесниците во дискусијата.

Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.

This post is also available in: English