Спасовски: Апелирам на партнерство со МВР за време на изборите

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, упати апел до граѓанките и граѓаните, политичките субјекти и сите останати надлежни институции да соработуваат со полицијата и самото министерство за време на изборите.

Во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, Спасовски потенцираше на важноста од заедничката соработка во спроведувањето на фер и демократски избори.

„Ова се многу важни претседателски избори. Важноста и одговорноста на овие избори се одговорност на граѓаните и на политичките партии. Пораката на МВР е пред сè до сите кандидати за претседател РСМ, до политичките субјекти што ги поддржуваат тие кандидати, да имаат една фер и демократска изборна кампања што ќе биде борба на идеи, борба на мислења, сè со цел да се претстават подобро на граѓаните. При тоа, до политичките субјекти апелирам да не ги злоупотребуваат ниту институциите, ниту граѓаните, туку да ги остават самостојно да ја донесат одлуката. На крајот, да констатираме заедно, дека имаме навистина фер и демократски избори, затоа што токму сега кога треба да ги отвориме вратите кон ЕУ, еден од клучните моменти е какви избори ќе имаме. Затоа апелирам на фер и демократски избори и партнерство со МВР“, изјави Спасовски.

Б. Јордановска