ЦИВИЛ против организираниот говор на омраза, лажните вести и дискридитација

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ секојдневно детектира и архивира содржини со говор на омраза и разобличува лажни вести и дезинформации и дел од тие ги објавува на својата медумска платформа.  Говорот на омраза во едно цивилизирано општество никако не треба да биде дозволено, и треба да се искорени. Исто така лажните вести и дезинформации не носат никому добро, напротив, тие се за една употреба и служат само за дезинформирање на граѓаните. Граѓаните имаат право на точни информации, а не на шпекулации и дезинформации…

Во изминатиот период ЦИВИЛ е мета на организиран напад со цел да се дискредитира организацијата. Пред некој ден извесна граѓанка на Фејсбук направила цела „студија“ за работата на ЦИВИЛ и меѓудругото пишува: „Долго време ги следам Цивил Медиа и никако не можам да разберам зошто луѓево бараат да владее едноумие во Македонија или нивна северџанистан… Севезден не клеветат дека сме националисти. И што има лошо во тоа што сме националисти?“, прашува Билјана Антоска Стојанов на Фејсбук. Но „анализата“ на Антоска за ЦИВИЛ е објавена на вебпорталот Воборба.мк каде пишува дека всушност е магистер по медицинска администрација и бизнис менаџмент во маркетинг и рекламна стратегија и активист во Мелбурн, Австралија и борец за правата на Македонците во Австралија.

Ете „случајно“ госпоѓата од Австралија нè учи дека не е лошо да се биде „националист како што се ВМРО ДПМНЕ и Левица“. И од Автралија порачува дека „Македонија е на Македонците“!

„Студијата“ за ЦИВИЛ е објавена на портал каде што има банер дека „Договорот од Преспа е незаконски и треба да се раскине“, (главна кампања на ВМРО ДПМНЕ и Левица). Случајно?

Но, во истиот портал има многу „случајности“ па може да се види и дека има интервју со разрешениот судија Владимир Панчевски. Мониторинг тимот на ЦИВИЛ во неколку наврати бележи и говор на омраза кон ЦИВИЛ. Тој на својот Фејсбук профил пред неколку дена објави видео од иницијативата „Гласај“ на ЦИВИЛ, со коментар: „Ова е Перо (Арсовски), на Џабир другарче од Цивил од кампањата „гласај“, ова десно е што мислат луѓето за Перо“!

Истата објава еден час подоцна се појавува и на Фејсбук профилот на Миленко Неделковски. На објавата има десетици коментари, со говор на омраза кон Перо Арсовски.

И организираната хајка против ЦИВИЛ не запира тука, напротив, продолжува… Панчевски во друг твит пишува: Џабир во суштина инфламаторно античко оружје за кое старите латини користеле израз вагинитус! Твитот на Панчевски го споделува Миленко Неделковски со коментар: „Старите словени за тоа користеле израз пич…“. На објавата на Панчевски се надоврзува и редовниот твитер бот (ширач на говор на омраза и лаги) профилот Марга@ДаницаМММ со коментар: „Абре Качак со литро ракија дневно“.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ, меѓу другите твитови со експлицитен говор на омраза и срамни содржини забележува дека овој лажен профил (бот) се бави и со етничкото потекло на тимовите на организацијата.

Носителката на Изборна единица, Јована Мојсоска од Левица, во недостаток од идеи и изборна програма како би била забележана меѓу луѓето и да ја гласаат, шири омраза за членови на ЦИВИЛ.

Покрај многуте коментари со говор на омраза, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи експлицитен говор на омраза кон организацијата од лицето кој на Фејсбук е потпишан како Тони Лапе Марков. Тој во два наврати вулгарно и примитивно коментира на официјалната Фејсбук страница на ЦИВИЛ под текстот кој е објавен на ЦИВИЛ Медиа: „Говор на омраза и закана за активистот Ненад Јовановиќ“, и под текстот: „Мицкоски на партиски собир повторно ги прекршува мерките и препораките!“.

ЦИВИЛ Медиа побара одговор од МВР дали навистина лицето Марков работeл во МВР како што му пишува на неговиот Фејсбук профил, пришто добивме одговор дека: „Од страна на Министерството за внатрешни работи по извршените проверки констатирано е дека посоченото лице (Тони Лапе Марков) не е вработен во Министерството бидејќи работниот однос на истото му престанал во 1998 година“, велат од МВР за ЦИВИЛ Медиа.

Она што го забележува Мониторинг тимот на ЦИВИЛ е дека вокабуларот на Тони Лапе Марков е сменет, откако ЦИВИЛ јавно го праша – дали тој има ексклузивно право, јавно со цело име и презиме да навредува, вулгарно да се однесува и да користи говор на омраза? Ако има такво право, го прашуваме – кој му го дал тоа право?

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ забележува дека Фејсбук страницата „Налет да се сторите“ постојано шири говор на омрза за ЦИВИЛ. На 29 јуни на страницата имаше објава за Ненад Јовановиќ на која во коментар „Слобода или Смрт“ отворено се закани на активистот. Цивил на 30 јуни  на својата платформа извести за случајот, по што страницата исчезна од Фејсбук 4 дена.

Страницата „Налет да се сторите“ во овој момент повторно не е достапна, односно е избришана од Фејсбук. Интересно е тоа што одвреме на време се активира и шири говор на омраза и ја снемува.

Шовинистички шкрабања со очигледна намера за дискредитација и омаловажување по етничка основа, се неприфатливи во ниту еден дел од организацијата. ЦИВИЛ, како организација за човекови права, во своето долгогодишно работење секогаш е отворена за сите што имаат отворен ум, активистички дух, неприкосновени пред предрасуди, борци за правда и права, а тоа се гледа и од богатсвото од разновидост од идеи, активизам, работа, посветеност и човечност кај своите безбројни членови, внатрешни и надворешни, како што впрочем може да се види од најуспешниот спој на различностите во едно место, во нашата земја.

ЦИВИЛ ги повикува надлежните институции да се ангажираат максимално во спречувањето на ширење на говор на омраза, и да ги санкционира соодветно.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ