ЦИВИЛ доделува нови пет награди за граѓанско новинарство за најдобрите прилози на граѓанските новинарки и новинари во периодот од 1 октомври до сега. Церемонијата за доделување на наградите ќе се одржи во петок, 22 декември, во хотел Сити Парк со почеток во 13 часот.
Наградите се вредносни ваучери за компјутерска и комуникациска опрема, од кои првата награда е 110 долари.
Наградените прилози на граѓанските новинарки и новинари во овој, 13-ти по ред, награден циклус на ЦИВИЛ се однесуваат на секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓанките и граѓаните во нивните заедници, несовесното однесување во сообраќајот, поставуваат прашања до институциите, афирмираат прашања поврзани со младите…
ЦИВИЛ до сега додели 60 награди за граѓанско новинарство во рамките на проектот „Граѓански објектив“ во изминатите две години. Во тек е третата година од имплементација на овој проект во кој има многу нови елементи и методолошки пристапи, соодветни на општествените промени во земјата. Проектот „Граѓански објектив“ е проект за транспарентни и одговорни политички процеси, преку поддршка и популаризација на граѓанското новинарство, подигнување на свеста, граѓанско образование и активизам на граѓаните за човекови права, слобода на изразување, демократија и слободни избори.
Ова е проект што обезбедува обука и можности за граѓаните да учествуваат, да набљудуваат и да известуваат за настани што им се важни ним, на нивните локални заедници и процесите на локално и на национално ниво. Овој проект прерасна во значајна алатка за граѓаните да ги потсетуваат властите и функционерите за нивната обврска да бидат транспарентни и одговорни.
Проектот е финансиран од National Endowment for Democracy.