Неповторлива шанса за граѓанските новинарки и новинари

Заинтересираните за претстојните семинари за граѓанско новинарство на ЦИВИЛ имаат неповторлива и уникатна шанса да се стекнат со потребните вештини за мониторинг на претстојниот референдум. Семинарите што ќе се одржат во Велес (28 јули, сабота) и Штип (29 јули, недела) имаат програма што е збогатена со нови и уникатни елементи. Учесничките и учесниците на семинарите ќе се стекнат со право да се пријават и за акредитирани набљудувачи на процесот, а сите заедно ќе имаат можност да учествуваат во наградните циклуси за граѓанско новинарство во проектот „Граѓански објектив“.

Досега, во изминатите две години откако започна имплементацијата на проектот „Граѓански објектив, на семинарите учествуваа над 800 учеснички и учесници, доделени се 80 награди за најдобрите прилози на граѓанските новинари. Тоа се стотици стории и видео прилози што предизвикаа промени и имаа влијание на локално и национално ниво.

ЦИВИЛ веќе подолго време се занимава со мониторинг на состојбите на човековите права и слободи. Во тие рамки, организацијата ќе даде придонес кон граѓанската едукација за гласачкото право и ќе се погрижи, преку мониторинг и медиумски активности, да го одбрани правото на граѓанките и граѓаните да гласаат слободно и соодветно на нивните убедувања на референдумот.

ЦИВИЛ бара од институциите и политичките структури (партии, иницијативи, организации...) да дејствуваат согласно со законите и демократските стандарди и да ја напуштат практиката на злоупотреби, говор на омраза и дистрибуција на лажни вести, без оглед на тоа од која страна доаѓаат.

Сите заинтересирани за учество на претстојните семинари во Велес и Штип можат да се пријават со испраќање на основни податоци на кандидатите (име и презиме, телефонски број и место на живеење/престој) на [email protected]. За повеќе информации кандидатите може да се јават на 02/5209176.

Семинарот во Велес ќе се одржи во хотел Гарденија од 11 до 17 часот. Право на учество имаат граѓанките и граѓаните од општините Велес, Свети Николе, Градско, Лозово, Росоман, Чашка, Кавадарци и Неготино.

Семинарот во Штип ќе биде во Домот на млади од 11 до 17 часот. Право на учество имаат жителите на општините Штип, Виница, Берово, Делчево, Кочани и Пробиштип. ЦИВИЛ ги покрива патните трошоци на сите учеснички и учесници.

This post is also available in: Albanian