ЦИВИЛ бара од политичките партии да ги почитуваат мерките и препораките на Владата за справување со КОВИД-19 и спречување на негово понатамошно проширување во земјата.
Мерките за забрана за јавни собири и настани, според мониторинг тимовите на ЦИВИЛ, до сега ги прекршиле ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ.
На 11 март во Македонската филхармонија, ВМРО-ДПМНЕ одржа партиска конвенција и покрај забраната за одржување на јавни собири со повеќе од 1.000 лица. Салата која беше целосно исполнета има капацитет за 1.000 лица, а на сцената зад претседателот на ВМРО-ДПМНЕ стоеја сите 120 кандидати за пратеници.
На 12 март, Владата донесе забрана за сите јавни настани, вклучувајќи ги и оние со под 1.000 лица. ДПА одржа партиска конвенција вечерта во 18 часот, во гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово.
ДУИ, пак, денеска најави дека со 10.000 свои активисти ќе им помага на оние кои се изолирани во своите домови, објавувајќи телефонска линија на која граѓаните ќе може да побараат помош. Имајќи предвид дека овие лица, ниту се обучени за ваков начин на дејствување, ниту се дел од волонтерскиот тим на Црвениот крст, ваквата помош претставува опасност за ширење на вирусот.
Дополнително, најавата на ДУИ за посета и „помош“ на изолираните е директна опасност од поткуп на гласачи. Најавата на ДУИ за излегување на терен со фантастична бројка од 10.000 активисти е проблематична по низа основи, а ни најмалку не е гаранција дека ќе им помогне на луѓето кои се изолирани во своите домови. Притоа, нејасно е како ДУИ утврдиле дека има потреба од 10.000 активисти за непознат број луѓе во самоизолација.
Доколку било која политичка партија сака да помогне во заштитата на населението од ширењето на коронавирусот, најмалку што може да направи е тоа да не го прави на своја рака. Потребно е, доколку постојат искрени намери, заинтересираните партии да ги понудат своите капацитети на системот и да се координираат со институциите како што се Министерството за здравство, Кризниот штаб, Комисијата за заразни болести и Владата.
Постапките на одделни политички партии ЦИВИЛ ги оценува како крајно несериозни и опасни по здравјето на граѓаните. Пандемијата мора да се сфати сериозно. ЦИВИЛ бара од политичките партии да престанат да калкулираат со здравјето на граѓаните за политички поени. Сега е време да покажат одговорност и кон себе и кон своите членови и активисти, но и кон сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија.
Ја повикуваме Владата веднаш да реагира на овие појави, а релевантните институции решително да ги санкционираат сите што го кршат законот и ги злоупотребуваат мерките за заштита од коронавирусот. Мерките мора да важат за сите подеднакво!
ЦИВИЛ Тим за комуникации