„Девојчето вчера на телефон ми се јави и ми вели тато ќе умрам“, вели за ЦИВИЛ Медиа таткото на 13 годишната штитеничка која извршила абортус откако била жртва на сексуално злоставување.
„Ми се јави синоќа на телефон, ми вика ‘тато имам болки’. Крвари девојчето. Не знам што да кажам.
Социјалните работници кои се грижат за неа треба да ми го вратат девојчето. Да ми го донесат во „Чичино Село“ сакам! И да не се случуваат повеќе овие работи. Таа ако остане во „Ранка Милановиќ“, повторно ќе забремени, секаков народ има таму“, вели Шефкет Ибраим, таткото на девојчето.
Тој додава дека ќерката им била одземена кога имала 5 години заради питачење.
„Кога излеговме од затвор со жената, требаше да ми го вратат родителското право, а не да чекаат да забремени“, вели тој.
Ибраим вели дека заедно со својата сопруга биле во затвор затоа што питачеле со својата ќерка. Тој раскажува дека на почетокот неговата ќерка била згрижена во семејство кое ја однело во Струга, каде за прв пат била жртва на сексуално насилство. Кога се вратила оттаму тој се обратил до социјалното од каде добил насоки да ја однесе во Судска медицина.
„Кога ја однесов во Судска медицина ми побараа 500 евра да платам приватно за да ја прегледаат“, вели Ибраим.
По тој настан девојчето било префрлено од семејството во домот „25 Мај“, а подоцна во домот „Ранка Милановиќ“.
Во последниот дом било утврдено дека девојчето е бремено.
„Како може да го однесат девојчето на чистење, без јас да знам, ниту ми дозволија да бидам со неа“, вели таткото Ибраим, пришто истакна - „Чичино село е добро. Зошто не ја донесат тука да живее како другите деца? Да живее ќерка ми со мене! Јас сакам веднаш да ми ја вратат ќерка ми! Немаме држава ние! Катастрофа!“, гневен е Ибраим.
Тој додаде дека син му живее со него во „Чичино Село“.
Дехран Муратов
Камера, фотографија и монтажа: Маја Ивановска
This post is also available in: English