„Табло со предавници на ВМРО-ДПМНЕ“ проследено со говор на омраза и повици за линч

Откако градоначланикот на Кавадарци, Митко Јанчев, го откажа протестот против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со цел да издејстува негово повлекување од челната позиција во партијата, за тој да го преземе водството во ВМРО-ДПМНЕ, на Фејсбук старницата Македонија осамна „табло“ како што го нарекоа „ова се предавниците на Македонија“.

На „таблото со предавници“ покрај осумтемина пратеници кои гласаа за промена на името, на прво место се ставени Сашо Мијалков, Митко Јанчев и Никола Тодоров.

Постот има повеќе од стотина коментари и околу 150 споделувања. Најголем дел од коментарите содржат говор на омраза, клетви и повици за линч.

Дејан Мибу Кио пишува дека треба цело Собрание да се крене во воздух во моментот кога како што вели „внатре ќе бидат и новинарските копилиња“. Тој додава дека е спремен животот да го даде за ослободување на Македонија од предавниците и прашува има ли уште некој таков како него?

Гиоргио Стан пишува дека за овие треба „неповратна карта за кај Амди Бајрам“, додека Бранко Србиноски бара да се врати „Ќосето“, а Сашо Муневски бара „јавно да се обесат“.

 

Битката за тронот на „Белата палата“ се разжестува, а на социјалните мрежи расте говорот на омраза. Во едно демократско општество здраво е да има дебата во која ќе има спротивни мислења и ставови, меѓутоа таа дебата да биде аргументирана без да се користи говор на омраза.

Д. М.