Смртта на Амди Бајрам проследена со говор на омраза и дезинформации

Говорот на омраза на социјалните мрежи не стивнува кон починатиот поранешен пратеник, лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам.

Пред три дена, веднаш по информацијата дека починал Амди Бајрам, на социјалните мрежи покрај „досетките и жегите“ имаше и голем број на коментари и објави кои содржат говор на омраза. Еден од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Јандриоски на својот Фејсбук профил објави статус со што го нарече Амди предавник, пришто со неговиот пост изнуди низа на коментари со говор на омраза, пред сè на етничка база.

Говорот на омраза кон Амди Бајрам, Ромите и актуелната власт се зголеми откако медиумите ја прошириле информацијата дека ќе биде закопан во Алејата на великаните. Откако неколку часа на социјалните мрежи се плукаше кон власта како може да дозволат „Амди да се закопа во Алеја на великаните“, се огласија од АД Бутел дека тоа е лажна вест, односно дезинформација!

На постот на Јандриоски, со лажната информација дека Амди ќе биде закопан во Алејата на великаните, коментираше и професорката Виолета Ачкоска дека тоа е „дно“.

Но, по разобличување на лажната вест дека сепак нема да биде закопан во Алејата на великани во АД Бутел, мразачите најдоа друга причина да навредуваат, бидејќи на погребот на Бајрам присуствуваа поголем број на граѓани. Дел од медиумите објавија дека починал од Ковид-19, а неговите роднини тврдат дека починал од мозочен удар…, но која и да е вистината за неговата смрт, дел од граѓаните не пропуштиле можност да ги критикуваат присутните на погребот, бидејќи не ги почитуваа препораките да не се собира поголема група на едно место.

Меѓутоа покрај погребот, медиумите ја актуелизираа и темата дека епидемиолозите не можат да ги најдат гостите од свадбата на неговата внука која се направи во Турција за да ги тестираат за Ковид 19.

Јавноста често е жртва на лажните вести од лажните вести, манипулации и ширење на говорот на омразата. ЦИВИЛ веќе долго време ги следи овие појави и секојдневно објавува извештаи во кои ваквите содржини ги разобличува, и ги повикува граѓанките и граѓаните да се спротивстават на ваквото штетно дејствување со пријавување и преиспитување на секоја содржина во медиумите и социјалните мрежи. Исто така, ЦИВИЛ континуирано ги повикува институциите да ги спречат и санкционираат сите што шират лажни вести и кои користат говор на омраза.

Дехран Муратов