СКЕН - политички видео магазин: Со пописот ќе се положи тестот за човечност

Политиката да се одвои од статистиката, бидејќи пописот тоа и е – статистичка операција, а не полигон за етно-политички пресметки. Гевгеличан(к)и сметаат дека пописот треба да се спроведе и дека не треба да се бојкотира. Започнатиот попис е тема на ова издание на политичкиот видео магазин СКЕН.

Учесниците на панелот ги изнесоа своите ставови во однос на пописот, кои беа во дефинитивна насока на спроведување успешна статистичка операција, ги појаснија потребите за попис на локално ниво, и дадоа одлични пораки до сите политички и општествени чинители  во земјата во однос на пописот.

-Пописот е статистичка операција. Прашањето е како треба да функционира едно општество. Една држава за да може да креира политики ако нема попис. Мора да има попис, бидејќи и во едно семејство сè што се прави се прави врз база на некој план, краткорочен или долгорочен. Ние не знаеме колку сме, а треба да креираме социјални, образовни политики, политики на комунално и зонско паркирање… Сè се сведува на бројки, на факти кои треба да ја дадат сегашната слика и врз база на тоа да се изготват краткорочни и долгорочни планови“, изјави градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, на панелот на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“.

„Треба да се направи стратешки документ каде потоа на база на тој ќе се донесуваат одлуки. Кога се попишува не се попишува само луѓе, се попишува и имотот. Како да знаеме какво зонско паркирање да направиме ако не знаеме колку автомобили имаме. Просто е прашањето како јас гледам на пописот. Целта на пописот е статистичка операција која треба да ни даде одговор на сè. Во сите општини фали реална проценка на имот, односно данок на имот. Според мене ова беше шанса да со пописот да има посебен образец за имотот и од правни и физички лица, но требаше порано да се изберат попишувачите. Во цел свет, финансирањето на општините најмногу оди од данокот на имот.

Во образованието, дуалната настава бара повеќе пракса. Ние мора да поттикнуваме процеси, а не да чекаме да се случат. Се тоа мора да произлезе од бројки. Без попис нема да го знаеме капацитетот на фабриките. Во Гевгелија 80-100 деца не можат да се запишат во градинка. Но, од каде се тие деца, од Гевгелија или од менаџерски кадар што работи во Гевгелија. Околу 100 фамилии тука работат, а се странци, меѓутоа нивните деца тука учат. Бројките мора да се знаат за да можеме да планираме дали за 5 години ќе ни требаат повеќе градинки или не.

За да креираш политика ти требаат податоци. Исто така, треба да се знае отприлика колку жители ќе има во иднина во Гевгелија, за да знаеме како да планираме за понатаму, посочи Поцков.

Во однос на повиците за бојкот на пописот поради здравствени причини, тој го посочи примерот со Бугарија која се подготвува за избори, а брои околу 9 милиони жители.

„Во Бугарија не знаат дека има корона, а еве ќе прават избори? И нас нè плашеа дека ќе има многу заболени ако се одржат изборите, еве се одржаа минатата година и се беше во ред. Сега зборуваме за попис каде што поединец ќе влегува во фамилија, а имаме избирачко место каде што има по 1.000 гласачи. Ние мора да живееме со пандемијата, како што одиме на работа, во продавница, сè работи, само се прилагодуваме на новите услови.

Ние се стремиме кон Европа и нема да се даваат или одземаат некакви права според некакви проценти. Еднаш дадени права не може да се одземат, може само да се унапредуваат. Кога веќе зборуваме за политика, тие права се дадени во време на ВМРО-ДПМНЕ, а сега СДСМ само ги усовршува тие права“, рече Поцков.

Тој упати апел до граѓаните на Гевгелија да ја отворат врата на попишувачите.

„Во едно семејство оди само еден попишувач, нема опасност од ширење на пандемијата, бидејќи пандемијата стана наше секојдневие, првиот случај во Гевгелија беше на 10 март минатата година. Да ви дојде попишувач дома ви е исто како да ви дошол комшија на кафе, животот мора да продолжи. Со тоа ќе ги покажеме европските вредности, ќе покажеме дека можеме и нешто сами да направиме, дека нема за сè да ни треба европската заедница и да правиме сè под притисок. Сега е време како што велеше Кенеди – Што можеме ние да направиме за државата? Сега е време да покажеме свест. Сите да се вклучиме заедно, подајте рака како опозиција. Имаме простор и место каде треба да се однесуваме државнички“, истакна Поцков.

Претседателката на пописната комисија за општина Гевгелија, Ката Ристова, на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“ се осврна на техничкиот дел од пописната операција во овие општини.

„Пописот е од исклучително значење за државата и особено откако во нашата држава дваесет години не е спроведен попис, и некако му доаѓа како да боде во фокусот на вниманието. Затоа сметам дека е одлично што ЦИВИЛ ги организира овие панел дискусии.

Од позиција на претседател на пописната  комисија за реонот 11, можам да споделам неколку информации од технички карактер. Пописниот реон 11 ги сочинува подрачјата на две општини, општината Гевгелија, и општината Дојран. Ако за ориентација ги земеме податоците од пописот од 2002 година, станува збор за пописен реон со околу 25.000 жители, 8.240 домаќинства, и 11.408 станови. Дали и колку овие бројки се релевантни и денес, ќе покаже новиот попис. Според актуелниот закон за попис на населението, за успешно спроведување на пописот во нашиот реон, предвидено е да бидат ангажирани 88 реонски попишувачи, и девет реонски инструктори. На конкурсот за попишувачи за нашиот реон се пријавија вкупно 111 кандидати, за кои тестирањето како комисија за попис  го спроведовме минатиот петок, на 12 март. Битно е да се каже дека во сите досегашни, па и идни активности, каде клучен носител на активноста е реонската пописна комисија, строго се придржувавме и ги почитувавме сите здравствени протоколи за заштита од Ковид-19. Освен успешното спроведување на пред -пописните и пописни активности, за нас, како реонска пописна комисија, е строго да се почитуваат протоколите, заштита од пандемијата, соодветна лична заштита, дезинфекција, соодветна дистанца итн“, истакна таа.

Како новина во однос на овој попис, Ристова ја посочи информацијата дека со новиот Закон за попис во 2021 година, ја нема  веќе онаа стандардна Државна комисија за попис, како централно тело што го бираше Собранието, сите надлежности и одговорноста за спроведување на пописот, се ставени на Државниот завод за статистика, како компетентна и најрелевантна  институција.

На крајот од панелот, Ристова повика на човечност, до сите чинители во државата.

„Се надевам дека со пописот ќе го положиме тестот на човечност, а знаејќи го менталитетот на граѓаните на општина Гевгелија, сигурна сум дека ќе успееме“, порача Ристова.

„После 20 години искуство во приватниот сектор, последните 5 години работам во Јавното комуналното  претпријатие во Гевгелија. Значењето на пописот е огромно, едноставно од основните потреби како што е формирање на цената на комуналните услуги зависи од бројката на еквивалент жители на една општина“, изјави советникот на општина Гевгелија од СПМ, Ристо Камов, на панелот на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“.

Џабе ни е да имаме некаква стратегија за развој на туризмот, кој е битен елемент, бидејќи ако ги немаме точните бројки тогаш имаме различни проекции и неточни податоци. Пример за тоа е цената на услугите. Регулаторната комисија ни дава некој праг, за секој тип на услуги му дава на комуналното претпријатие некоја рамка од каде до каде да се движи цената. Комуналното претпријатие не е некоја деловна единка која треба да создава екстра приходи, но најважно е цената на услугите треба да биде во некој баланс околу приходите и расходите кои ги прави комуналното претпријатие. Од тој аспект битно е да имаме релевантни податоци.

Во 2012 имавме потреба да го завршиме пописот, но политиката кога се меша во реалните проблеми тогаш настануваат проблеми во целото општество. Јас имам слобода од мојата партија да си ги искажувам слободно своите ставови, онака како што ги диктира законот. Политичките проблеми треба да се тргнат од реалните животни проблеми.

Општина Гевгелија е можеби прва општина која во својот буџет за 2021 година има планирано активност за основање на центар за развој на човечките ресурси, која е битна комбинација на локално ниво, со која  ќе можеме да ги диктираме потребите од статистичките податоци за образованието, реалниот сектор, стопанството, занаетчиството и за вработување. Тука директно е вклучено образованието за да знаеме со која бројка на странци се соочуваме. Ние како држава сме заинтересирани на сите странци кои живеат кај нас со години да ги оспособиме на основна комуникација. За стручното образование не можеме ние да работиме со некои паушални проценки, мора да се има статистички податоци за тоа кои се потребите на стопанството, занаетчиството и на тој начин да се креираат политиките во образованието.

Гевгелија беше една од најбогатите општини во бивша Југославија, но како оди периодот напред ние се чувствуваме хендикепирани со тоа што постојано ни се одземаат некои ингеренции. Можеби со третата фаза на децентрализација очекуваме премногу, но не боли тоа што не можеме да се развиваме во правец и со чекори кои ги има капацитетот на општина Гевгелија.

Да не ни се повтори ситуацијата од 2012 година да го почнеме а да не го завршиме пописот. Јас не сум кадарен да зборувам дали треба да се одложи или да почне пописот, но дефинитивно попис и на општина Гевгелија и на Македонија и е нужно потребен.

На прашањето како тој гледа на повиците за бојкот на пописот, Камов  истакна дека со ковид кризата мора да се научиме да живееме и не можеме да се споредуваме со соседните земји во начинот на справување со кризата, но дека се си има и добри и лоши моменти во целата таа ситуација.

Во јавноста се наметнуваат неколку дилеми. На почетокот кога почна попишувањето на дијаспората во јавноста се појави сомнение дека со лажирање на IP адресата може да се попишува и резидентното население од Македонија. Техничко е прашањето колку такви случаи може да има, меѓутоа, има мерки кои може да ги филтрираат и тие податоци. Ние мора да се стремиме да ги вмрежиме дата базите на тие податоци и на тој начин ќе се видат колку се тие отстапувања од реалното резидентно и нерезидентно население.

Пописот треба да покаже бројки. Тие бројки како статистички показател имаат релативност во точноста, но колку се поточни толку ќе бидат подобри последиците во нивната примена во секојдневниот живот.

Од политичка  димензија дали се оспорува пописот од оправдани или неоправдани причини, Камов истакна дека ваквите проблеми треба да се решаваат во Собранието.

Камов во своето завршно излагање упати апел до Собранието, со образложение дека има многу граѓани кои не се политички определени, а законот за попис предвидува рестриктивни мерки доколку некој намерно не се попише бидејќи подложи на санкции. Во смисла на обичниот граѓанин, Камов изјави дека одговорноста паѓа на Собранието и на консензусот што треба да го донесат, без да се вадат на мислењето на Комисијата за заразни болести или на одлука на Владата во последен момент дали пописот треба да се случи или не. Тој истакна дека за граѓанинот ова е многу важно прашање дали ќе ја отвори вратата или не, а за тоа треба да размислуваат тие што седат во тие 120 столчиња.

Екипа на ЦИВИЛ 

камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехемети

 

This post is also available in: English