Во екот на предизборието, како дел од долгорочниот мониторинг, но и со цел да ги поддржи напорите за спроведување на слободни, фер и демократски изборен процес, ЦИВИЛ – Центар за слобода започна серија работни средби со повеќе високи претставници на институциите, граѓанското општество, медиумите и експертската заедница.
Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупција, Министерството за внатрешни работи и Министерството за информатичко општество и администрација, се дел од институциите кои се најдоа на рутата на ЦИВИЛ. На работните средби, претставниците на ЦИВИЛ разменија сознанија и информации за активностите и плановите во поглед на изборниот процес.
Дел од нив ќе бидат учеснички и учесници на конференцијата „Какви избори – такава иднина“ во организација на ЦИВИЛ што ќе се одржи утре, 10 април, во хотел Парк Резиденс (спроти гратскиот стадион) со почеток 12 часот.
Дескоска, Мин. за правда
По работните средби, тимот на ЦИВИЛ Медиа спроведуваше и видео интервјуа со своите соговорници. Тимот на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦИВИЛ Медиа се обидоа да одржат средба и да направат интервју и со првиот човек на Министерството за правда, министерката Рената Десковска, но до овој момент од министерството нема потврден одговор.
Дерковски, ДИК
Во интервјуто со претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, зборувавме за проблемите со Избирачкиот список, избирачките одбори, предизвиците со промените во Изборниот законик, мерките и активностите на институцијата која е надлежна и одговорна за спроведување на фер и демократски изборни процеси во земјата.
Дерковски, во интервјуто истакна дека во минатото а и сега, најлесно е да се обвини Државната изборна комисија за сите проблеми и недоследности коишто се јавуваат пред, за време на изборниот процес, но и она што следува по него.
Во контекст на проблемите со Избирачкиот список, Дерковски истакна дека „одговорност треба да имаат институциите што се надлежни. Меѓутоа, гледаме дека ништо не се решава, дури и да биде повикан некој на одговорност. Ова не е проблем од сега, туку се влече со години наназад. Треба да сме свесни дека кончено треба да се направи регистар на граѓани во државата што практично ќе значи концентрација на податоците на граѓаните на едно место и полесно ќе може да се ажурираат. Тогаш, полесно ќе биде и да се спроведуваат изборите“.
Тој како еден од најголемите проблеми на ДИК го потенцира проблемот со избирачките одбори, кои ги сметаат за нивна најслаба алка. Свесни дека се соочуваат со организациски проблеми, ДИК спроведува акција за нови програми за обуки на членовите на Избирачките одбори.
„Бидејќи избирачките одбори се бираат согласно законското решение од јавната администрација, многу често има луѓе што едноставно се чувствуваат дека се насила натерани да бидат учесници во тој изборен процес. Сметам дека тоа треба да се промени. Ние ќе вршиме сертифицирање на истите, со цел вистинските луѓе да бидат одбрани, односно оние што сакаат да си ја вршат работата. Нема друг начин. Мора со овој проект да продолжиме понатаму, за да дојдеме до едно повисоко ниво на стручност на лицата задолжени на денот на изборите да ја водат главната работа“, истакна Деркоски.
Манчевски, МИОА
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, пак се осврна на улогата на МИОА во изборниот процес, списоците на „сигурни гласачи“ во изборниот инженеринг, департизацијата и реформите.
„Од технички аспект ние ги обезбедуваме списоците на вработени во јавниот сектор кои ги доставуваме до ДИК и врз основа на тие списоци тие вршат избор на членовите во избирачкиот одбори. И тоа е единствената формална улога на МИОА во овој процес. Сепак, ние од минатата година од референдумската кампања воведовме една алатка, преку нашата веб страна, за пријава на притисок на работното место во јавниот сектор и оваа алатка е лесен и едноставен начин како кој било вработен и каде било во државата може лесно да пријави каков било вид на притисок кој евентуално му се случува на работното место. Согласно таа пријава, односно информациите, ние таа информација ја проследуваме до соодветните институции и се обидуваме да имаме некаква разрешница која ќе биде видлива пред се за самите граѓани. Во текот на референдумот немаше многу пријави, 2 или 3, но и за овие избори сакаме што повеќе да ги информираме граѓаните дека постои оваа алатка и да ги охрабриме секој кој се соочува со што било, а го цени како притисок на работното место, да го пријави“, изјави министерот Манчевски.
Трајчевски, АВМУ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми и за овие претседателски избори ќе врши интензивен мониторинг на медиумското известување за време на изборната кампања. За улога на медиумите во изборните циклуси, политичкото рекламирање, санкциите и измените во законските решенија што ги опфаќаат медиумите, разговаравме со директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски.
„Со оглед на тоа дека имаме подобрување во делот на почитувањето на професионалните стандарди, агенцијата одлучи во овој предизборен период, пред почетокот на кампањата, да не прави извештаи на секои десет дена, како што беше претходно, туку да направи два извештаи на период од 25 дена. Очекуваме и се надеваме дека ќе нема проблеми до почетокот на кампањата на 1 април. Но, се надеваме и дека за тоа време, медиумите објективно ќе информираат за кампањите на претседателските кандидати. Се надеваме и дека политичките партии и независните кандидати, доколку има, нема да водат црна кампања и да претставуваат извор на евентуални проблематични начини на известувања од медиумите. Се надевам дека ќе го задржат нивото медиумите и во овој период“, истакна Трајчевски.
Спасовски, МВР
Министерството за внатрешни работи, како институција која ја има една од клучните улоги во спроведувањето на изборните процеси, од доставување на податоците потребни за ажурирање на Избирачкиот список, до обезбедување услови за целосно безбедна, фер и демократска атмосфера во текот на целиот изборен процес, МВР секогаш се соочува со голем број предизвици, но и ризици. За улогата, надлежностите и предизвиците, како и за говорот на омраза и лажните вести, ЦИВИЛ Медиа разговараше со Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Сметам дека мора да се преземат радикални мерки во спречувањето на говорот на омраза. За држави како што е Република Северна Македонија, мултиетнички, мултинационални, многу е важно да покажеме високо ниво на свест за тоа дека треба да ја градиме државата врз принципите на едно општество за сите граѓани. Нема место за било каков говор на омраза што може да предизвика било каква нетрпеливост. Дали е во прашање национална, верска, политичка или друга нетрпеливост. Ние преземаме мерки за секој еден детектиран случај на говор на омраза. Постојат многу лажни профили. Такви профили имаат и многу политички партии. Меѓутоа, за секој од нив, каде што се шират говор на омраза и лажни вести, што можат да предизвикаат нестабилност и ризици по мирот, МВР презема мерки со тоа што веднаш се известува Јавниот обвинител и соодветно на насоките што тој ги дава, МВР постапува за да се спречат истите“, вели Спасовски.
ЦИВИЛ потпиша Меморандум за партнерство и соработка во мај, 2018 година со Министерот Спасовски. Дел од тој Меморандум се и соработката во сферата на изборните процеси.
Ивановска, ДКСК
Државната комисија за спречување корупција веќе работи интензивно, не само на предметите за непотизам, туку и на тековниот изборен процес. Со приближување на датумот за почеток на изборна кампања, крајниот рок за собирање потписи за кандидатски листи и можни изборни неправилности, особено од аспект на изборна корупција, беа повеќе од доволен повод за интервју со претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Ивановска истакна дека се зголемени надлежностите на ДКСК, особено во делот на следење на изборната кампања, па во тој контекст упати апел до граѓаните да ја известуваат Комисијата за сите неправилности, но и апел до институциите да се погрижат да ги сочуваат буџетските средства и човечките ресурси и истите да не ги злоупотребуваат во изборни цели.
„Нашата комисија размислува какви активности да преземе во насока на пообјективно следење на целата изборна кампања. За таа цел, ќе упатиме барање до сите институции да ни достават преглед на сите службени возила со коишто располагаат, од типот вид на службено возило, марка на возилото, регистрација, со што би направиле една поголема база на податоци. Исто така, ќе побараме информација, колку од нив се дадени на користење 24/7, за да направиме едно разграничување и таа база на податоци ќе ја доставиме до граѓанскиот сектор кој, преку своите набљудувачи, ќе ни обезбеди информации дали се користеле за партиски цели, во изборна кампања или не. Планираме да спроведеме проверки на листите за евиденција на работно време, со цел да добиеме информации дали вработените го користат своето работно време во изборни цели. На тој начин сметаме дека ќе помогнеме за зачувување на буџетските средства, државните средства и човечките ресурси, да не се користат во изборни цели“, рече Ивановска.
ЦИВИЛ ѝ пристапи на ДКСК со предлог за соработка што е формулирана во Меморандум за соработка. Се очекува ДКСК наскоро да одреди датум на кој овој документ ќе биде потпишан и официјализиран.
Героски, Плусинфо и Слободен печат
Како медиумите информираат за време на изборната (пред)кампања, дали информираат објективно и вистинито, колку се придружуваат кон етиката во известувањето во изборните процеси, како медиумите се справуваат со политичката пропаганда, говорот на омраза и лажните вести, која е улогата и одговорноста на медиумите при преземање и објавување на Фејсбук статуси на одредени личности…, беа темите на кои ЦИВИЛ Медиа разговараше со Бранко Героски, главен и одговорен уредник на весникот Слободен печат и вебпорталот Плусинфо.
„Јас не гледам во сегашното медиумско милје во Македонија суштинска разлика меѓу денешните говор на омраза, црна пропаганда и ширење на лажни вести. Притоа нагласувам дека центрите на политичката моќ, првенствено владите, тие се всушност главни произведители на лажни вести, иако тие истовремено најмногу се жалат дека се нападнати со лажни вести, така што постои едно двојство. Социјалните мрежи и интернетот генерално се едно поле на кое постои таканаречена инхерентна анархија. Секој обид да ги регулирате, ограничите и менувате интернетот и социјалните мрежи е однапред осуден на неуспех. Тоа е неспојливо со самата филозофија на социјалните мрежи. Во таа смисла, тука може на некој начин да се разбере и да се оправда таа анархија на слободниот говор, која во одредени случаи значи и говор на омраза и лажни вести. За медиумите треба да важат многу поцврти правила на игра и затоа јас се залагам да постои регулација во интернет порталите. И тоа една, би рекол поцврта регулација, барем таква како што важи за печатените медиуми за да го намалиме нивото на спуштање на сите стандарди на новинарскиот занает и професионализам. Тоа што денеска сè уште новинарските здруженија, па и Владата, не ја прифаќаат таа иницијатива и не води до тоа да нема разлика меѓу парамедиумите и социјалните мрежи. Оние кои денеска на социјалните мрежи се влијателни, во парамедиумите се таканаречени новинари или парановинари и ние имаме луѓе со огромна и реална моќ на достапност да ги испраќаат своите пораки кои знаат да бидат отровни, хејтерски и неписмени и сето тоа едноставно проаѓа. Тоа е страшно за нашиот духовен простор генерално“, истакна Героски.
Билбиловски, Зам. Народен правобранител
Заменикот на Народниот правобранител, Зоран Билбиловски одговараше на прашањата на ЦИВИЛ Медиа за улогата на канцеларијата на Омбудсманот во изборниот процес, за заштитата на правото на глас и за предизвиците на гласачите, за проблемите со избирачкиот список и за она на што најмногу треба да се обрне внимание на претстојните претседателски избори.
„Од она што ние го имаме како анализа и од следењето на ситуацијата во државава, речиси општа состојба е дека постојат одредени проблеми во однос на начинот и постапката на остварување и заштита на избирачкото право. Ние со години повикуваме на заштитата на избирачкото право и на начинот на запишување во Избирачкиот список, со став дека тоа може да се врши и секојдневно. Секогаш забелешките на граѓаните се најизразени кога има избори и дури најчесто, на денот на гласањето, кога пак, можноста Народниот правобранител да обезбеди заштита е многу мала. Особено за оние лица кои од разни причини не се запишани во списокот. Меѓутоа, секако дека тоа нам ни служи за правење на анализи и за изготвување на посебни извештаи и давање предлози за соодветна измена на законската регулатива, како тие состојби во иднина би се надминале и предизвиците на граѓаните би биле во помал обем. Измените би биле во начинот на остварување на нивното право, пред сè, во некои технички детали за тоа како граѓаните би можеле полесно да го остварат правото, односно, во одредени модалитети. Ние, исто така, имаме одредени категории, пред се на ранливи групи и на лица со попреченост, со потешкотии во начинот на нивно остварување на избирачкото право“, вели Билбиловски.
Тахири, комуниколог
Сефер Тахири, комуниколог, за состојбата на медиумите во Македонија, во пресрет на претседателските избори, во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА, изјави дека има подобрување во медиумите, ако го споредиме со тоа каква беше состојбата до неодамна. Со Тахири разговараме за состојбата во медиумите, за влијанието на социјалните мрежи во изборен контекст, како и за говорот на омразата и лажните вести.
„Сметам дека подобрување има, што се однесува на известувањето на медиумите во Македонија споредено со тоа каков беше медиумскиот амбиент и политичкиот и економски контекст, но и поширокиот општествен, за време на минатиот период кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека има видливо олеснување, медиумите повеќе не се плашат, конкретно новинарите не го покажуваат стравот од власта, за да критикуваат, да коментираат со критички тон, често со обвинување на власта за нејзините неуспеси. Тоа што е важно во многу медиуми на национално ниво односно на државно ниво но и на регионално, се забележува поголемо почитување, не идеално, не совршено затоа што за ова треба време, политичка волја, менталитет и промена на политичката култура“, вели Тахири.
Тунева, СЕММ
Што е она што се случува во медиумите за време на изборите, како известуваат, дали информираат објективно и вистинито, колку се придружуваат кон етиката во известувањето во изборните процеси, беа теми на кои ЦИВИЛ Медиа разговараше со извршната директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, Марина Тунева.
„Ние апсолутно очекуваме медиумите да се држат до објективноста, урамнотеженост во известувањето, да имаат едукативна улога, да и’ помагаат на јавноста да процени кој ќе биде вистинскиот избор во име на граѓаните. Значи, тие самите да се информираат доволно од известувањето на медиумите сè со цел да можат да го направат вистинскиот избор. Апсолутно очекуваме да се придружуваат на принципите во Кодексот на новинарите и воопшто на принципите и критериумите наведени во различни етички документи. Како што е Повелбата за етичко известување за изборите на СЕММ. Ние повторно ја потсетуваме и понатаму ќе ја потсетуваме јавноста поконкретно медиумите за она што е нивна улога во однос на известувањето за изборите. Она што очекуваме за време на изборите е ставање на посебен акцент врз она што значи вистинска информативна улога, меѓутоа и добро реализирана едукативна улога на медиумите. Тие можат да и’ помогнат на јавноста со упатства, со начинот на однесување за време на избори, можат да доловат какви се програмите на политичарите, можат да ги осуетат обидите на одредени центри на моќ да ги злоупотребуваат медиумите или да ги манипулираат граѓаните… Имајќи предвид колку е сензитивна атмосферата за време на избори, од исклучително значење е однесувањето на медиумите“, истакна Тунева.
Димитровска, Инклузива
Со Благица Димитровска, претседателка на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, ЦИВИЛ Медиа разговараше за предизвиците на лицата со попреченост во процесот на гласање за време на претседателските избори.
„Според нас, како „Инклузива“ најголемиот проблем е во системските решенија, односно во изборното законодавство што е поврзано со многу други закони за лицата на кои им се одзема деловната способност. Овие лица се бришат од Избирачкиот список. Воопшто како да не се жители на нашата држава. Тука треба да се менуваат повеќе закони, но засега нема слух.
Што се однесува до лицата што се згрижени во згрижувачки семејства, што живеат во некој дргу град, подалечен од нивното место на раѓање, покрај пречките и финансиските недостатоци не можат да го остварат своето право на глас. За ова прашање мислам дека ќе има некое померување напред, но останува да видиме“, изјави Димитровска.
Јонкер, ОДИХР
Изборните процеси во земјата во последните 18 години секогаш се мониторирани и од Мисијата за набљудување на ОБСЕ/ОДИХР, по покана на Министерството за надворешни работи на нашата држава. Колку Северна Македонија е спремна за овој изборен процес, кои се препораките на ОДИХР, како ќе се набљудува самиот процес и колку е важно набљудувањето на маеѓународните органзиации за време на изборите, ни одговори Н.Е. Карин Јонкер, шефица на Мисијата на ОДИХР во Северна Македонија.
„Пред самите избори ќе имаме 250 краткорочни набљудувачи. Тие ќе бидат задолжени за набљудување, од една страна предизборниот молк пред изборниот ден, но и да го набљудуваат изборниот процес, гласањето, пребројувањето на гласачките ливчиња и сумирањето. Така што, изборната набљудувачка мисија на ОДИХР ќе ко набљудува предизборието, изборниот процес и секако, во случај на втор круг, ќе останеме во земјата и ќе имаме прелиминарни сознанија и заклучоци коишто ќе ги преѕентираме по завршувањето на процесот“, изјави Јонкер.
Едукација
Покрај оваа серија интервјуа, ЦИВИЛ Медиа во изминатиот период објави и ќе продолжи со објавување на серија едукативни текстови кои се однесуваат на сите аспекти на изборниот процес, кои имаат за цел да ги запознаат граѓанките и граѓаните со своите избирачки права, но и со сите можни злоупотреби и нерегуларности кои не смееме да ги занемариме, туку напротив да ги препознаваме и пријавуваме до надлежните институции.
Што е изборен материјал, Сè што треба да знаете за Избирачкиот список, Што е изборна администрација, Што е изборна кампања, Кои се ингеренциите на Претседателот на Републиката, Што е изборен молк, Закани и притисоци, Поткупот на гласачите го плаќаат самите гласачи, Каква е одговорноста на медиумите во изборите, ДИК објави програма за едукација и информирање на гласачите, Што е злоупотреба на службена положба за време на избори, Што треба да знаеме за гласачкото ливче? се содржините кои се објавени досега во рамките на овој едукативен серијал.
Какви избори – таква иднина
Утрешната конференција е придонес кон јакнење на јавната свест со преораки за одржување на слободни, фер и демократски избори.
За различни аспекти на изборниот процес ќе говорат и: претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, заменик министерот за администрација, Александар Бајдевски, државниот советник при Народниот правобранител, Зоран Билбиловски, уредникот на „Слободен печат“, Бранко Героски, политичкиот аналитичар, Сашо Орданоски, претседателката на Инклузива, Благица Димитровска и низа други.
Говорнички и говорници од ЦИВИЛ ќе бидат: Ангела Петровска, Маја Ивановска, Дехран Муратов и Џабир Дерала, а модераторка на Конференцијата ќе биде Биљана Јордановска од ЦИВИЛ. Злоупотреба на деца и малолетници во кампања, говор на омраза и лажни вести, злоупотреби, притисоци и закани, политичко финансирање и предвременото започнување на изборната кампања се само дел од наодите на ЦИВИЛ што ќе бидат презентирани на Конференцијата.
Оваа година, конференцијата се одржува како дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Прилозите во овој прилог се подготвени од тимот на ЦИВИЛ и Редакција ЦИВИЛ Медиа. Преземањето на оваа содржина или делови од неа не е дозволено без писмена дозвола на ЦИВИЛ.