Кај плови овој брод?

Независната кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, вчера во Струмица зборувајќи за промената на името, запраша зошто ако може Србија на Србите, Бугарија на Бугарите, Грција на Грците, да не можеме, како што рече, да кажеме Македонија на Македонците.

Сериозно?! Eпа не може, затоа што во Република Северна Македонија живеат и Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Египќани...

Таа додаде дека знае неколку региони во САД кои се викаат Македонија.

И на „Титаник“ кога се качиле некои патници од Македонија ги напишале дека се Македонци. Кога ќе речете Република Македонија тоа значи држава, а не регион. Тие нека уживаат во нивниот регионален идентитет, а ние државниот. Како може да не е од идентитетот нешто со што сум се родила, со што сум се идентификувала“, рече кандидатката за претседател, додавајќи - замислете да треба да докажете дека сте жена или дека сте маж. Навистина се тоа невозможни потфати.

Професорката по право веројатно не е знае дека судот во Стразбур пред извесен период донесе одлука со која ја задолжи нашата државата да плати оштета на трансродово лице, заради родова дискриминација. Време е да научи.

Силјановска вчера одржа митинзи во Радовиш и Струмица. Претходно во Скопје, го посети пазарчето во Ченто, а се сретна и со пензионери во населбата Хиподром.

Кандидатот за претседател на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, вчера ги повика карпошани да гласаат масовно на претседателските избори.

„Нужно е да излеземе во што е можно поголем број и да дадем потврда на политиките на оваа Влада. Во спротивно Македонија се враќа во темниот тунел на груевизацијата. Би ве замолил за максимална политичка мобилизација во првиот и вториот круг, затоа што заедничката победа нема да дојде сама од себе. Ако некој мисли да не излегува на гласање дека друг ќе заврши работа, или дека разликата ќе биде толкава да можеме да апстинираме овој пат, биде уверени дек може непријатно да бидеме изненадени. Оние кои се против ќе излезат од 7.00 како војска ќе се постројат и ќе гласаат онака како што ќе им каже нивниот лидер. Дека таму постои партиска дисциплина која не води сметка за државните и националните интереси на Република Северна Македонија е јасно, тоа го видовме на референдумот кога им рекоа да не излезат од дома, и тие навистина не излегоа од дома“, порача Пендаровски.

Тој им се обрати на карпошани и рече дека има намера да победи со голема разлика пред Силјановска.

„Во 2016 година победивме многу на малку, 2017 дојдов да му помогнам на еден од најдобрите млади градоначалници. Победивме многу на малку. Ако не победиме, на 21.05 многу на малку, немојте да ми излегувате пред очи“, рече Пендаровски.

Дали е на шага или навистина мислеше така, сепак тоа е недозволиво за еден кандидат кој себеси се смета за европски и модерен. Или кај обичниот народ сè уште поминува она изрека „една шала - пола вистина“.

Кандидатот на СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски вчера оствари средби со граѓаните на Сарај, Чаир, Кисела Вода и Карпош. Во Домот на АРМ се сретна со пензионерите, а потоа учествуваше на базарот „Youth Fest“ и на трибина со млади „Get up, stand up“ во фоајето на Националната опера и балет. Пендаровски се обрати на граѓаните во Чаир и во Кисела Вода, а вечерта на граѓанската трибина во општина Карпош.

На седмиот ден од кампањата, Блерим Река, кој е поддржан од Алијансата на Албанците и БЕСА, имаше средба со граѓаните на општина Куманово. Гостин на митингот му беше претседателот на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти.

Тој пред присутните истакна дека со гласот даден за Блерим Река, Албанците ја искажуваат својата самопочит. Тој верува дека политиките на Река ќе го зацврстат статусот на Албанците во Македонија.

„Големите градови како Охрид, Битола, Велес и Преспа, кои имале доминантна албанска популација, сега се испразнети. За жал во дијаспората има повеќе Албанци отколку во нивните родни градови. Постојат три града Куманово. Еден е во Турција, еден е во Швајцарија и овој овде. Но сите тие три града треба да го искористат правото да одлучуваат за себе и да го направат Блерим претседател. Во режимот на Груевски најмногу страдаа Албанците. Северна Македонија мора да стане живеалиште за Албанците, така што нема да заминат, туку ќе почнат да ги уживаат своите права, истакна Курти на митингот на Река во Куманово.

Ок, откако Курти донесе демократија и правда во неговата држава, дојде да му даде поддршка и на Река. Или, кај него дома, неговиот двор сè уште не е исчистен...

Д. Муратов


Изборна хроника на ЦИВИЛ Медиа е содржина која ја следи кампањата на кандидатите за претседател на Република Северна Македонија на дневно ниво. Сите содржини од почетокот на кампањата може да ги прочитате на следните линкови:

Прв ден: Силјановска се „шегува“, Пендаровски најавува подобар живот, Река – ЕУрека…
Парламентарна кампања на претседателски избори
Кампањи оперирани од срам
Кога Исус одел бос
Изборна географија за европска Северна Македонија
Киднапирана кампања
Траги-комедија во три чина


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.