ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Како што вети, Заев понесе одговорност и поднесе оставка за лошиот изборен резултат. Без оглед дали го сакате или мразите овој човек, и овој потег него го крева неколку копја над тоа што сме го гледале вообичаено на македонскиот политички врв во овие 30 години.
Дали таа оставка и носи добро на земјата? Ќе видиме, откако ќе заврши политичката криза, лимбо или интеррегнум, наречете го како сакате. А тоа е она што ја очекува државата во наредните месеци. Сакале – нејќеле.
ВМРО-ДПМНЕ победи прилично убедливо на локалните избори и, според првичните резултати, ќе води 40 општини и Градот Скопје. СДСМ ќе раководи со 18 општини. ДУИ во 13.
АА ќе води 3 општини, ГРОМ со 1, БЕСА – 1, ЛДП/ДОМ – 1, ДПА -1. Со 3 општини ќе раководат независни кандидати. И тоа не е лоша вест.
А Димче и Левица? Нула, компир, ниту еден градоначалник. Но, за утеха, ќе бидат на власт во неколку општини. Со Таравари и Села и ВМРО, ќе прават „КОСОВАРИЗАЦИЈА“, овај, пардон, КОАЛИЦИЈА.
Што, мислевте дека тоа е невозможно? А што не би било возможно, кога после „Тиранската платформа“ и контрапротестите на ќосињата кои завршија со 27 април, денес го видовме албанското знаме (или знамето на Албанија беше) како се вее гордо пред главниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ?
Па нели, за ова се боревме?