Шампиони во олимписка дисциплина – лажни вести, кој патувал а кој не во Токио на државна сметка?

На Фејсбук страницата „Полн Погодок“ е објавен наводен список со патници во Токио, Јапонија на Олимписките игри 2020. „Полн Погодок“ е всушност сајт за спортски вести, меѓутоа оваа „скандалозна вест“ како што ја насловија „Пикник во Токио“ на ФБ страницата, не е објавена на нивната официјална вебстрана polnpogodok.com. Последната вест на нивниот сајт е објавена на 5 јули со наслов: „Список на играчи за претквалификации за мундијалот: Селекторот Бајиќ ќе ги провери сите расположливи сили за сениорскиот национален тим“.

Покрај известувањето за тоа дека дел од патниците на ОИ во Токио си ги зеле и сопругите, администраторите на Фејсбук страницата не пропуштиле прилика да упатат и политичка порака: „Пак да ги гласате“.

„Не е проблем што отишле проблем е што се дрзнале на спортски државни пари да шеткаат, зошто сите овие имиња се за жалење и се буткаат по управни одбори и ако добро се сеќавам Димевски Даниел многу умешно ги издрибла сите делегати кои го гласаа, мада втората опција беше очај, тука низ Токио се сите, Зекири, пошто имаат право дека се во управен одбор, горска, ќерка му на горска каде сега свадба се спрема со малиот на дајнерс за да врват работите низ спортот и така, жените обавезно, АМС секако советниците како и советникот за спорт на премиерот како и НАУМЧЕ И НЕГОВАТА ПОУБАВА ПОЛОВИНА“, стои во објавата на Фејсбук страницата на „Полн погодок“.

Истата дезинформација е објавена и на порталот Република, при што Претседателот Стево Пендаровски испрати демант дека се работи за лажна вест.

Исто така, и генералниот секретар на Владата на РСМ, Мухамед Зекири, демантира дека бил во Токио и побара јавно извинување од новинарот Боби Христов од ТВ Телма, кој искоментирал во оваа насока во коментар на неговиот личен Фејсбук профил.

Инаку „Полн Погодок“ е спортска емисија која беше емитувана на ТВ Сонце, а за истата емисија ја промовираа и OffNet во 2016 година.

Ова е само уште една индикација дека не се бираат средства за испраќање на политички пораки преку лажни вести и дезинформации. Очигледно овој наводен „спортски скандал“ има за цел да испрати порака да не се гласа за актуелната власт на претстојните локални избори. Едноставно, одредени структури и играчи се „шампиони во олимписките дисциплини – лажни вести и дезинформации“ или лесно „паѓаат“ на нив.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ