„Следна Станица: Европа“ – Конференцијата на ЦИВИЛ за човекови права, правда и антикорупција ќе се одржи на Меѓународниот ден на човековите права

ЦИВИЛ ја организира Конференцијата за човекови права, правда и антикорупција „Следна Станица: Европа“ на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, со почеток во 12 часот. Конференцијата ќе се одржи комбинирано, со онлјан и физичко присуство, со максимално почитување на здравствените протоколи.

Конференцијата ќе се одржи во две сесии, во 12 и 13:30 часот. Првата сесија од конференцијата е со наслов „Правда и владеење на правото“, а во неа учествуваат Министерот за правда, Бојан Маричиќ и универзитетскиот професор Александар Спасов.

Втората сесија од конференцијата носи наслов „Борба против корупцијата“, а во неа учество ќе земат Заменик премиерот за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, политичкиот аналитичар и универзитетски професор Сашо Орданоски и универзитетската професорка Јасна Бачовска. Модератор и учесник на конференцијата ќе биде Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

Конференцијата ќе биде емитувана во живо на Фејсбук страницата, како и YouTube видео каналот на ЦИВИЛ кој ги поканува медиумите и сите заинтересирани да ја следат и слободно да преземаат содржини кои произлегуваат од конференцијата.

Настанот се организира во рамките на Фестивалот на слободата кој започна на 25 ноември, кога организацијата работно одбележа 21 година од постоењето. Во временскиот период на одржување на Фестивалот, влегуваат и Меѓународниот ден на правата на лицата со посебни потреби (3 декември) и Меѓународниот ден на борбата против корупцијата (9 декември).

Настанот е дел од проектот „Европа е наш дом“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Фестивалот на слободата е мултимедијален настан во рамките на проектот „Граѓански објектив“, поддржан од National Endowment for Democracy (САД), како и од Програмата Цивика Мобилитас, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

This post is also available in: AlbanianEnglish