„Кога се работи за ромската заедница секогаш странските донатори и невладиниот сектор се први да помогнат, а не државата. Тоа мора да се промени“, истакна Елвис Шаќири од Ромалитико и иницијативата АВАЈА на панел дискусијата „Социјална правда и дискриминација: Премногу луѓе на маргините на општеството и политиката… До кога?“ во организација на ЦИВИЛ, која се одржа на 11 декември.
„Во изминатиот период, во време на пандемијата, успеавме да доделиме стотици електронски уреди на ромските дечиња за да можат да се вклучат во образовниот процес, меѓутоа се соочуваме и со друг проблем, а тоа е дека семејствата немаат електрична енергија. Во нашето општество секогаш се зборува за тоа како маргините да се вклучат, а не каков бенефит може да се има“, потенцира Шаќири.
Според него, државата не креира услови генерално, без разлика од која категорија луѓе се работи.
„За жал, не можеме да стигнеме до сите семејства, проблемите се системски, ќе решиш еден проблем, па се појавува друг. Баравме средби со државни институции, но нашето општество секогаш има други приоритети, да ги решаваат оние проблеми на елитите, ретко се решава проблем без да се оди кон системско решение. Преку Пи-Ар прават дека решиле некој поголем проблем, но најчесто не е така, тоа е генерален проблем кај нас, тие проблеми треба да се решаваат системски“, истакна Шаќири.
Тој додава дека децата кои немаат услови за онлајн настава, мора физички да присуствуваат на училиште, а со тоа се зголемува ризикот од КОВИД-19.
„Имаме два вида дискриминација, едната е во секојдневниот живот меѓу физички лица, но имаме и покомплексна дискриминација од државата, таа не презема никакви чекори. Државата во овој случај на некој начин со оглед на тоа дека не презема системски решенија ги поттикнува индивидуалнците така да се однесуваат кон одредени групи“, додава тој.
Шаќири вели дека во Битола имаше случај каде што три дена полицијата не сакаше да направи записник за одреден случај, бидејќи пријавувачот беше од ромска етничка заедница.
„По три дена, ние моравме од Скопје со адвокат да одиме во Битола и да го решиме проблемот, кој е системски. Тоа е поразително за едно општество што со адвокат мора да се реагира за нешто што би требало да е нормална процедура на полицијата. И не е само полицијата, туку така е и во другите институции.
Денеска може да се види дека има вработено Роми на работни места кадешто претходно не беше случај. Пример има Роми на каса во супермаркет, во кафич, но тоа не е затоа што сега Ромите имаат некои посебни квалификации, туку затоа што нема кадар. Извештајот на Народниот правобранител постојано констатира дека ако раководител на одредена институција е Македонец, има вработено само Македонци, додека ако раководителот е Албанец, во таа институција има вработени само од албанска етничка заедница“, истакна Шаќири.
Шаќири презентираше дел од податоците од истражувањето што го спроведоа преку Ромалитико, пришто истакна дека голем дел од работодавците одговориле дека нема да вработат Роми иако ги исполнуваат сите критериуми.
Д.М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети