Сериозните редакции мора да си вработат проверувачи на факти, ако сакаат публика, доверба и иднина!

пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ

Вчера, драги мои, гледав едно одлично парче на американската НБЦ, една од поголемите американски (и светски) медиумски куќи, во кое се прави проверка на факти на обраќањето на претседателот на САД Доналд Трамп во американскиот Конгрес, кое беше пренесено и на оваа телевизија. Текстот докажува со неоспорни факти и бројки - што од тоа што го кажал Трамп во обраќањето било точно, што било делумно точно, а што неточно.

Зошто е ова важно, не само за иднината на медиумите туку и за граѓаните и, зошто сè повеќе сериозни редакции во светот го прават тоа?

Прво, затоа што работата на новинарот не е само да им даде простор на различните страни да го кажат своето мислење. Тоа е дел од улогата што треба да ја играат медиумите како алатка на демократијата и плурализмот остварување на фундаменталното право за слобода на изразување.

Но, да не заборавиме, медиумите имаат и една друга, исто важна, ако не и поважна улога. А тоа е на граѓаните да им соопштуваат точни, проверени информации, да им ја кажат вистината, да бидат, пред сè, заштитници на јавниот интерес и на едно друго, исто така важно право – граѓанинот да биде информиран, за да може да направи „информиран избор“. Оваа синтагма ќе ја најдете во сите меѓународни документи и правила поврзани со изборите и улогата на медиумите во крунскиот, најважниот демократски процес.

Значи, не е работа на медиумите и новинарите само да ги пренесуваат „страните“. Далеку од тоа. Нивна клучна работа е да се обидат да дознаат што од искажаното е вистина. Или, да парафразирам една позната новинарска лекција - не е работа на новинарот да ги пренесе ставовите на две страни околу тоа дали денес врне снег или не, туку да погледне низ „проклетиот“ прозорец, да види што од тврдењата е вистина, и тоа да и го соопшти на публиката.

EXIT, знак за излез над екранот на кој се гледа Трамп, за време на неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, 21 јануари 2020

Секојдневно, има разни луѓе, политички структури и организации, од бизнисот, разни еснафи, формални и неформални групи, структури од подземјето, криминалот итн, кои сакаат нивната порака преку медиумите да допре до што поголем број на луѓе. Во тие пораки честопати се кријат невистини, полувистини, манипулации, преку кои испраќачот на порака сака да предизвика некаква реакција кај тој што ја примил.

И сега, ако медиумите не ги проверуваат пораките и работите кои некој сака да ги пласира преку нив (како што често се случува), тие ја губат улогата на заштитници на општиот, јавен интерес, и стануваат некритични „трансмитери“, мегафони, односно само канал низ кој тече пораката. А она што би требало да ги двои новинарските редакции од други медиумски платформи што допираат до масовна публика е токму тој филтер, кој треба да ги сопре невистините, и до публиката да ги пропушти само точните информации, односно вистината.

Да се вратиме сега на она што го направи НБЦ со проверката на факти на обраќањето на Трамп. Бидејќи се работи за обраќање во живо, или пренесување на она што го кажува претседателот, речиси е невозможно проверката на факти да се направи истовремено. Но, со содржината што следи, медиумот испраќа порака до својата публика, дека не е само некритички „пренесувач на пораки“, туку дека му е мошне важно на својата публика да ѝ ја соопшти вистината.

На тој начин, медиумот влијае и на квалитетот на јавната дебата во иднина. Ако ве побара таков медиум или сакате да бидете на неговиот екран, ќе бидете многу внимателни што зборувате и да не бидете фатени во лага. Можеби за нашата јавност, која со години неказнето ја лажат, тоа и не е нешто страшно, но верувајте дека фаќањето во лага е сериозна работа во консолидирани демократии, кон какви тежнееме и се надеваме наскоро да станеме. Таму, за лажење на јавноста се губи политичка кариера, репутација на бизнисот, се губи работа, а може да се заврши и во затвор и со плаќање огромни оштети на тие што се засегнати од лагите.

И на крајот, дел до кој се надевам дека ќе дојдат луѓе од медиумската кои што го читаат овој текст: Зошто е ова важно за опстанокот на сериозните, професионалните медиуми?

Само нека погледаат во какво „пазарно“ опкружување работат и опстануваат. Од една страна, сериозни редакции, со поголем број вработени и трошоци, но кои честопати знаат само „да ги пренесуваат страните“, без да погледаат низ „проклетиот“ прозорец. А од друга страна, медиуми од „два човека“, кои со крадење и дисеминирање на однапред подготвени содржини се далеку побрзи и во „пренесувањето“, а и многу поатрактивни имајќи предвид дека се без никакви етички или професионални огради во „врамувањето“. И тука не зборуваме за рамка на „проклетиот“ прозорец, за кој не знаат ни каде се наоѓа, а камоли да погледаат некогаш низ него.

Секојдневно, има разни луѓе, политички структури и организации, од бизнисот, разни еснафи, формални и неформални групи, структури од подземјето, криминалот итн, кои сакаат нивната порака преку медиумите да допре до што поголем број на луѓе. Во тие пораки честопати се кријат невистини, полувистини, манипулации, преку кои испраќачот на порака сака да предизвика некаква реакција кај тој што ја примил.

И, каква е реакцијата на поголемите редакции и медиуми кај нас? Секако, голем  дел од нив држат до некоја елементарна пристојност и етички стандарди,  но веднаш ќе ви речат, бизнисите не ги интересира дали вашиот медиум е професионален, дали пласира квалитетни содржини, дали „гледа низ прозорецот“, туку ги интересира бројката на луѓе до кои допира тој медиум, односно можноста да го рекламираат нивниот производ кај тие луѓе преку медиумот. А на проверката на факти се гледа како на „ен-џи-овштина“,  нешто за кое што ќе ви речат дека нема публика, а од друга страна честопати ќе слушнете дека се доживува како конкуренција, односно, дека странците би направиле многу поголем ефект ако тие пари им ги дадат на вистински новинари, а не на некои таму невладини сајтови, во кои исто така работат – новинари.

Што мислите, дали на НБЦ им дал некој пари да прават фактчекинг? Не, го прават тоа свесни, вложуваат денес, за да имаат публика утре.  И, не им пречат фактчекерите во невладиниот сектор, или луѓе кои тоа го работат проектно. Напротив, соработуваат со нив, учествуваат во заеднички проекти, во кои големите редакции најчесто не се реципиент на пари, туку партнер со невладините организации на национално и на светско ниво, помагаат со нивното искуство, знаење, умешност голата проверка да ја претворат во атрактивна медиумска содржина, за проверката на факти и критичкото размислување да стане што поприфатено кај најшироката публика.

Тоа е публика што отфрла пара-медиумите. А повеќе публика значи повеќе влијание и далеку поголема шанса за привлекување огласувачи и реклами, од кои живеат медиумите, бидејќи за создавањето на содржини и тие луѓе во медиумите мора некој да обезбеди плата, а таа одамна не доаѓа од самата публика, од претплата или слични модели, туку од рекламите.

Но, нашите медиуми не градат стратегија како онаа на НБЦ и еден куп светски редакции, стратегија на професионална солидарност, која прави јасна дистинкција помеѓу „ширачите на алуминиум“ и професионалците, која гради публика за иднината.

Стратегиите на големите медиумски куќи кај нас се движат во насока на „пожолтување“,  забрзување и зголемување на количината во производството на содржини, односно прифаќање на играта, во која крадците и манипулаторите секогаш ќе бидат побрзи, поатрактивни и посочни, а и квантитетот не им е тешко да го постигнат со „позајмување“ туѓ труд, или со оркестрирано ширење готова, спакувана пропаганда.

Ако медиумите не ги проверуваат пораките и работите кои некој сака да ги пласира преку нив (како што често се случува), тие ја губат улогата на заштитници на општиот, јавен интерес, и стануваат некритични „трансмитери“, мегафони, односно само канал низ кој тече пораката.

А за „професионалната“ солидарност? Што да каже човек, кога кај нас честопати ќе видите и како професионалци и новинари застануваат во одбрана на луѓе и сајтови што со години шират не само лаги, туку и чист говор на омраза, ако е тоа опортуно за политиката што ја води редакцијата (да, да, кај нас многу медиуми немаат уредувачка политика туку „водат“ политика).

А публиката не е глупава, иако сака да клика глупости и да се разонодува, мошне ѝ е важна вистината. Неа нема да ја бара кај „два-човека“ порталите, ќе се сврти кон оние од кои очекува дека може да ја соопштат, сериозните, професионални редакции, кои произведуваат, а не крадат туѓи или не дисеминираат партиски или друг тип на готови, пропагандистички содржини.

За жал, да повторам, вистината честопати не може да се најде токму кај големите и пристојни редакции. Наместо вистината, често добиваме „пренесување страни“, мислења, ставови, и градење на слика за „објективност“ на медиумот - преку мерење секунди и квантитет, а не квалитет.

Искрено се надевам дека набрзо ќе видам новинари кои се дел од самите големи медиумски куќи кај нас, барем на телевизиите да речеме, чија работа ќе биде проверка на фактите, барем на она што е кажано на нивниот екран. Земете изгледајте една ТВ дебата, дури и лаик може да забележи некоја невистина од некој говорник, а тоа не го забележува и не го адресира модераторот на емисијата, кој би требало да биде обучен трагач по вистината? Па, ако може секоја будала да им го злоупотребува етерот без пари за да шири глупости и да манипулира со луѓе, тогаш зошто кој било би ги гледал нив, а не некој алуминиум портал, каде ќе го добие „целиот пакет“, сосе пцовки, клетви, повици на убиства, без никаква ограда?

Тешко е да се види реалноста од височините на фотелјата на речиси секој балкански медиумски сопственик. Но, јас апелирам до нив: погледнете низ прозорецот, тоа е клучно. Ако немате време, вработете човек за тоа. За тоа ќе треба да го одврзете ќесето вие, а не некои донатори. Одврзете го, додека сè уште го имате и не ви отишла публиката кај оние што работат малку, а заработуваат многу од „пренесување“ - без гледање низ прозорецот.

 


Сите права се задржани.  Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.