Сè, само бојкот не – борба за гласови во продолжение на изборната кампања

Биљана Јордановска

Гласовите за Блерим Река уште се во игра, како и на оние што решија да не излезат на гласање. И додека се прават калкулациите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, ги продолжуваат средбите со граѓаните.

Пендаровски и СДСМ решија да го посетат Тетово на отворена дебата со граѓаните. Можеби е тоа нивен обид да ги приближат тетовчани до нивната кауза, со оглед дека Река имаше значително предимство со вкупно 10,429 гласови.

Па не случајно како презентер, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Едмонд Адеми изјави дека паметно би им било на тетовчаните што гласале за Река, сега да гласаат за Пендаровски. Зошто? Па, за НАТО и ЕУ.

„Концептот евро-атлантска држава може да го турка само оваа власт и идниот претседател Стево Пендаровски. И концептот на Блерим Река е за ЕУ и НАТО. И тој ги поддржува Рамковниот договор, Преспанскиот договор… И пораката до оние кои гласаа за Река е дека ако не излезете на 5 мај и ако не гласате за Стево Пендаровски, ќе ја предадете вербата на Блерим Река за Република Северна Македонија, членка на НАТО и на ЕУ“, им порача Адеми на граѓаните во Тетово.

Адеми имаше порака и до бојкотирачите: „Со бојкот или со не излегување на избори ја казнувате државата и ја казнувате иднината на сите деца и граѓани“.

Пендаровски, веќе уморен од транзицијата што трае 30 години, порача дека е доста и од неа и од криминалот и од режимот на фамилијата и од… битно е да се сфати дека концептот останува ист, едно општество за сите, во ЕУ, како и НАТО, млади што ќе печалат дома, економија што ќе оди во нагорна линија, бизнис придобивки, натпросечни политичари, а не клонови, жени лидерки, сè на сè една така пристојна демократија со ситните внатрешни проблеми што нема да влијаат на надворешниот имиџ на државата.

Од друга страна, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како што доликува првенствено направи едно кратко профилирање  на опонентот Гордан Силјановска Давкова преку Христијан Мицкоски и „незаборавниот Груевски“ и нивните борби.

„Гордана Силјановска се бори за тоа што се бори Мицковски, а Мицковски се бори Груевски да се врати, е нема амнестии повеќе. Главната задача, право и правда е императив за сите и тоа ќе го исполниме“, вели Заев.

Нормално, како фин лидер и во духот на популарната транспарентност и отчетност не пропушти да каже дека е свесен за грешките, ама нели со ветување дека промените ќе се случат. Кај и да е…

„23 месеци ја водам Владата, видов каде се слабите карики, каде се гребе, за да се помогне на граѓаните. Ќе се случат промените. Но, на вас кои ми ја испративте оваа порака и јас ја примив и јас праќам, на сите кои не излеговте на гласање, гласавте за Река, па и за Силјановска, имаме обврска да донесеме исправна одлука. Оваа земја е аманет на сите“, порача Заев.

Силјановска, професорски, па и сократовски, се впушти да ги бунтува младите. Како? Па, како на друг начин освен со младешко критичко мислење на нејзината досегашна кампања.

„Затоа сум овде меѓу вас, да ја чујам критиката за досегашната кампања, за она што се случува, за да ги чујам забелешките за да знам кој пат да фатам во вториот изборен круг“, потенцираше Силјановска.

И таа не пропушти да им се обрати на бојкотирачите велејќи дека ќе се сретне и со нив, особено со оние младите, па аргументирано да се разберат за политичките проблеми. Нели, младите се тие што треба активно да придонесат кон промените.

И така, во младешки дух, Силјановска повика на македонска пролетно ориентирана политика што ќе ги расцути и разбуди и најумните и најкритичните.

И така, пролетно, па и празнично, повелете, на гласање, на 5 мај, недела, одлучете, решително или не, како што индиректно велат двајцата кандидати што преостанаа, од вашите гласови сè им зависи. Односно ви зависи… Така?

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.