Во текот на мината ноќ на ѕидовите на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје се напишани фашистички пораки кон Албанците, како што се: „Македонија вечна“, „Смрт за Ш…..ри“, дури се нацртани и знаци дека овој објект треба да биде цел на напади.
„Како во 1999 година кога по бомбардирањата на НАТО некои хулигани ја запалија Амбасадата на САД во Скопје, синоќа повторно – по усвојување на Законот за употреба на јазиците – овој објект, кој сега е на користење на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, повторно е нападнат и вандализиран од такви хулигани“, истакнуваат од Институтот.
ИДКНА бара од безбедносните органите сторителите на овие вандални чинови да се најдат и да одговараат пред органите на правдата, а исто така ги повикуваме сите заедници во земјата да бидат ладнокрвни и да не потпаѓаат на ваквите провокации, бидејќи нашата земја поминува низ еден значаен историски процес кон евро-атлантските интеграции, за што сме одговорни сите ние.
„Како единствена институција која во своите активности била отворена кон сите етнички и религиозни заедници, изразувајќи интерес и за помалите заедници, како што се Евреите и нивната заштита, ИДКНА го осудува овој вандален чин и изразува жалење што, и покрај целиот напор за афирмација на сите заедници во земјата, сепак се напаѓа ова гнездо на мултиетничкото општество во Македонија“, велат од Институтот.
Д. Муратов